Büşra Selvi Öğütcen
16 Декември 2016•Ажурирај: 16 Декември 2016
АНКАРА (АА) - Според истражувањето што го спроведе Универзитетот „Аризона“ во САД, функциите на мозокот се многу поразвиени кај луѓето што трчаат во однос на оние што немаат физичка активност, јавува Anadolu Agency (AA).
Споредувајќи ги снимките од магнетната резонанца направени кај млади луѓе што трчаат на долги патеки и лица меѓу 18-25 години што немаат физички активности, забележано е дека во голем дел од сферите на мозокот функциските врски биле поразвиени кај оние што трчаат.
Дејвид Рејчлен, еден од предводниците на проектот, истакна дека се покажало оти физичките активности позитивно делуваат на мозочните активности.
Во претходните истражувања спроведени кај свирачите на инструменти, возачите на мотори и возила, играчите на голф или луѓето што практикуваат вежби во кои постои координација на рацете и очите покажаа дека може да се делува на мозочната структура и мозочните функции.
Резултатите од истражувањето се објавени во списанието „Гранки на човековата невронаука“ (Frontiers in Human Neuroscience).