Berk Kutay Gökmen
11 Јуни 2026•Ажурирано: 11 Јуни 2026
Фосилите пронајдени во Велика Британија ѝ припаѓаат на најголемиот вид скорпија откриена досега. Станува збор за гигантски предатор кој живеел пред околу 415 милиони години, покажува студијата објавена овој месец во научното списание „Палеонтологија“, пренесува Анадолу.
Истражувачите го идентификуваа животното како Praearcturus gigas, изумрен вид скорпија која инаку во должина надминувала повеќе од 1 метар, а имала педипалпи (штипки) со големина од околу 16 сантиметри.
Овие наоди помагаат во решавањето на дебатата која траеше повеќе од 150 години. Иако првите фосили беа откриени во 1871 година, научниците долго време не се согласуваа околу тоа дали остатоците ѝ припаѓаат на скорпија или на голем рак, бидејќи примероците беа нецелосни.
Новата студија ги спореди фосилите со оние на Eramoscorpius, добро сочувана античка скорпија откриена во Канада, и пронајде клучни анатомски карактеристики кои потврдуваат дека Praearcturus gigas е скорпија.
Фосилите беа пронајдени во песочната формација Сент Моганс, која се протега низ делови на Велс и западна Англија, а датира од периодот на Девон, кога животот на копното сè уште бил во своите рани фази.
„Истражувачите појаснуваат дека овој гигантски членконог живеел десетици милиони години пред другите познати крупни безрбетници, како што се џиновската стоногалка Arthropleura и праисториските вилински коњчиња, кои го населувале периодот на Карбон.“
Истражувањето сугерира дека Praearcturus gigas бил меѓу најраните големи предатори кои го населиле копното. Научниците веруваат дека тој можеби поминувал и дел од својот живот ловејќи во вода, хранејќи се со риби и друг плен.
Научниците укажуваат на структури на телото на скорпијата во форма на преклопи (залистоци) кои наликуваат на оние кај јастозите и раковите, што наведува на заклучок дека таа живеела во вода или била амфибиско суштество.
Ова откритие дава нов увид во клучниот период од историјата на Земјата кога растенијата и животните почнале да се етаблираат на копното, а екосистемите сè уште биле релативно едноставни.
Научниците истакнаа дека недостигот на големи конкуренти или предатори во тоа време можеби му помогнал на Praearcturus gigas да достигне огромна големина.
Денес, најголемите скорпии во светот, кои се наоѓаат во шумите на Индија и Шри Ланка, обично растат до околу 23 сантиметри.