Mücahithan Avcıoğlu
11 Јуни 2026•Ажурирано: 11 Јуни 2026
Германскиот автомобилски гигант „Мерцедес-Бенц“ потпиша Меморандум за разбирање со германската стартап компанија за одбрана од беспилотни летала „Тајтан технолоџис“, со цел заеднички да развиваат системи против дронови, базирани на возила. Со овој чекор, „Мерцедес“ стана последниот во низата европски произведувачи на автомобили кои се приближуваат до воената индустрија, во услови кога регионот ги зголемува трошоците за одбрана, јавува Анадолу.
Договорот е потпишан денес на маргините на ИЛА 2026, Меѓународната изложба за аеронаутика и вселена во Берлин.
Во рамките на планираната соработка, „Мерцедес-Бенц“ ќе обезбеди возила кои ќе служат како платформи за воздушна одбрана и мисии, дизајнирани за спротивставување на мали дронови и за заштита на луѓе и на клучна инфраструктура.
Се очекува системот, наречен „Дроун дифендер“, да користи модифицирани возила од „Г-класата“ на „Мерцедес-Бенц“ и комбиња „Спринтер“ како мобилни платформи за системи за одбрана од дронови и нивно распоредување.
Компаниите не открија временска рамка за проектот, ниту пак, го соопштија обемот на потенцијалните инвестиции.
Овој чекор следуваше по напорите на европските земји за зајакнување на домашното воено производство по руската инвазија врз Украина. Овој конфликт драстично ја зголеми побарувачката за противвоздушна одбрана, како и за развој на дронови и системи за борба против беспилотни летала.
Војувањето со дронови стана централна карактеристика на модерните конфликти, што ги поттикна владите и одбранбените компании да го забрзаат развојот на системи способни за откривање, следење и неутрализирање на беспилотни летала.
„Мерцедес-Бенц“ не е единствениот европски автомобилски гигант кој го истражува пазарот на воената индустрија.
„Рено“ веќе најави проекти поврзани со дронови за воена и цивилна употреба, додека за „Фолксваген“ беше објавено дека разгледувал соработка со одбранбени компании за компоненти за ракетна одбрана.
Европската автомобилска индустрија е под притисок од послабата побарувачка за возила, побавното усвојување на електрични возила, конкуренцијата од кинеските производители и повисоките трошоци за финансирање.
Партнерствата поврзани со одбраната сè повеќе се гледаат како потенцијален начин за индустриските компании да го искористат својот постоечки капацитет за производство, инженерската експертиза и синџирите на снабдување во сектор каде што побарувачката рапидно се шири.
Извршниот директор на „Мерцедес-Бенц“, Ола Калениус, претходно изјави дека компанијата би била отворена да одигра улога во зајакнувањето на одбранбените капацитети на Европа, доколку таквата активност има економска логика.