Во руските воздушни напади денес загинаа осум лица во повеќе украински региони, соопштија властите, додека двете земји разменуваат обвинувања за ноќните напади, јавува Анадолу.
Гувернерот Олександр Ханжа на украинската област Дњепропетровск изјави дека најмалку шест лица загинале, а 10 се повредени по ракетниот напад врз заедницата Новопилија близу градот Криви Рих.
Тој додаде дека две лица се повредени во нападите со беспилотни летала врз областа Никопол во овој регион.
Главниот град Киев, пак, бил цел на ракетен напад, соопшти Градската воена управа, додека Државната служба за вонредни состојби (ДСНС) објави дека едно лице загинало, а две се повредени во нападите врз две градски населби.
ДСНС соопшти дека едно лице загинало во централната област Полтава, чиј гувернер Виталиј Дјакивнич изјави дека во нападите се погодени магацински објекти на приватна компанија, како и терминал на приватната поштенска и курирска компанија „Нова Пошта“.
Пет лица се повредени и во округот Бровари во околината на Киев, според вршителот на должноста регионален гувернер Руслан Олијник.
Гувернерот на Лавов, Максим Козицки, изјави дека 31 лице е повредено во градот по ракетниот напад во кој се оштетени две повеќекатници. Подоцна тој додаде дека се оштетени и две градинки во Лавов.
Претседателот Владимир Зеленски доцна синоќа изјави дека добил извештај од командантот на Воздухопловните сили, Анатолиј Кривоножко, при што предупреди дека постои „голема веројатност“ преку ноќ да се случи „масовен напад“ од страна на Русија.
„Важно е нашите партнери целосно да разберат што се случува и дека заштитата на животите директно зависи од нивната подготвеност, или недостиг од неа, да ни помогнат со ракети за противвоздушна одбрана“, истакна Зеленски на американската платформа за социјални медиуми Х, додавајќи дека ова првенствено се однесува на САД и партнерите што поседуваат ракети „Патриот“.
„Сите партнери знаат како и со што може да помогнат. Ненавремената помош и доцнењето во испораката на антибалистички ракети доведуваат до вакви уништувања, до вакви жртви што, за жал, ги гледаме денес“, наведе Зеленски во утринската изјава.
Украинското воздухопловство тврди дека неговата противвоздушна одбрана ноќта соборила 265 од вкупно 285 беспилотни летала, како и 55 од 74 ракети лансирани од Русија.
Руското Министерство за одбрана во соопштение наведе дека извршило „масовен“ напад врз Украина во текот на ноќта, насочен кон „воени аеродроми, објекти на воено-индустрискиот комплекс и воени телекомуникациски и логистички центри“ во различни украински региони.
„Овие центри беа вклучени во производството, складирањето и испораката на разни ракети и беспилотни летала, како и во работата на системот за следење на воздухопловната состојба“, се наведува во соопштението, а се додава дека цел биле и „воено-индустриските претпријатија, телекомуникациските и логистичките центри“.
Министерството, исто така, тврди дека неговата противвоздушна одбрана соборила 258 украински беспилотни летала во текот на ноќта во девет региони, како и над Црвеното Море, Азовското Море и Крим, кој беше анектиран во 2014 година.
Во Русија, онлајн трговецот „Вилдберис“ соопшти дека бил оштетен уште еден магацин на компанијата во Пензенската Област, при што едно лице е повредено, а исто така бил нападнат и логистички центар во Република Удмуртија.
Од „Вилдберис“ соопштија дека извршиле евакуација откако во регионите беа прогласени предупредувања за воздушни напади.
Во украинските напади со беспилотни летала во јули се погодени повеќе логистички центри на „Вилдберис“, во кои има жртви и предизвикано е нарушување на работата, додека Киев ги зголеми нападите длабоко во внатрешноста на Русија – вклучително и врз енергетските објекти – што ги нарекува „санкции со долг дострел“.
Нападите беа насочени кон објекти во руските региони Тамбов, Москва и Ставропол, како и во областа на Санкт Петербург и на Крим.
Украина тврди дека магацините се користат за обезбедување воени резерви за руската армија, обвинение што руските власти го негираат.
Во меѓувреме, полицискиот оддел на Лублинското Војводство во Источна Полска на Х објави дека била слушната експлозија во округот Билгорај, каде што подоцна помеѓу селата Тарнава Колонија и Токари откриле кратер и расфрлани остатоци од „непознат објект“.
Двете села се на околу 90 километри од полско-украинската граница.
Според полската телевизија ТВП ворлд, причините за експлозијата, за која се наведува дека создала кратер со ширина од околу 10 метри, остануваат нејасни, додека премиерот Доналд Туск на Х напиша дека „имало нарушување на полскиот воздушен простор“.