Berk Kutay Gökmen
11 Јуни 2026•Ажурирано: 11 Јуни 2026
„OпенАИ” размислува за сериозно намалување на цените на токените за вештачка интелигенција, кои претставуваат клучна единица за пресметување на трошоците во овој сектор, со цел да ја зајакне својата конкурентност наспроти „Антропик”, јави „Волстрит џурнал”, пренесува Анадолу.
Од компанијата очекуваат дека и „Антропик” ќе одговори со намалување на цените, поради што и самите истражуваат дополнителни ценовни олеснувања со цел да привлечат што повеќе корисници.
Извршниот директор на „OпенАИ”, Сем Алтман, неодамна призна дека трошоците се „огромен проблем“, додавајќи:„Мислам дека ќе најдеме многу начини на кои ќе можеме да им помогнеме на луѓето да добијат поголема вредност за помалку потрошени пари“.
Весникот вели дека пониските цени би можеле дополнително да ја загрозат профитабилноста, со оглед на тоа што двете компании веќе трошат милијарди на компјутерскиот капацитет неопходен за функционирање на моделите на вештачка интелигенција.
„Антропик” доби свој импулс по успехот на „Клауд код“ меѓу софтверските инженери, што ги зголеми приходите и му помогна на овој стартап да ја надмине пазарната вредност на „OпенАИ”.
Како одговор на тоа, „OпенАИ” го постави „Кодекс” како свој стратегиски приоритет.
Одредени големи компании исто така, вршат ревизија на трошоците за вештачка интелигенција. На почетокот на оваа година, еден од извршните директори на „Убер” изјави дека компанијата веќе го исцрпила својот буџет за 2026 година наменет за „агентска“ вештачка интелигенција, додека друг функционер го постави прашањето дали придобивките од кодирањето со помош на вештачка интелигенција навистина се преточуваат во подобрувања за крајните корисници.
Овие стравувања подигнаа дебата во Силиконската долина околу таканаречениот „токенмаксинг“, односно максимално користење на ресурсите на вештачката интелигенција (токени) за да се поттикне продуктивноста, и покрај тоа што повратот на ваквите инвестиции сѐ уште е нејасен.
И покрај тоа што најголемиот дел од профитот во секторот за нови ВИ-технологии оди кај „OпенАИ” и „Антропик”, инвеститорите подолго време сведочат на сличноста на нивните понуди, како и на леснотијата на корисниците едноставно да се префрлат од една платформа на друга.
„OпенАИ” оваа недела поднесе доверлива пријава за прва јавна понуда, следејќи го примерот на „Антропик”. Во неодамнешна порака, Алтман изјави дека компанијата планира да излезе на берза „во текот на следната година“.
Од „OпенАИ” исто така изјавија дека постојат „работи што сакаме да ги направиме, а кои веројатно се полесни додека сме приватна компанија“, но не соопштија дополнителни детали.