Emre Aytekin
17 Октомври 2017•Ажурирај: 18 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Откриена е дупка во Wi-Fi протоколот, преку која може да се отстрани безбедносната заштита во локалните безжични мрежи што се користат во домашни и во работни услови, јавува Anadolu Agency (AA).
Мети Венхоф, истражувач за кибер-безбедност при Универзитетот „Левен“ во Белгија, преку својот интернет-сајт ја информираше јавноста дека е откриена безбедносна дупка во локалните мрежи, која на компјутерските хакери им овозможува пристап до податоците во компјутерите и мобилните уреди поврзани во мрежата.
Во објавениот текст се наведува дека постои дупка во сите компјутерски системи што го користат безбедносниот протоколот WPA2 за заштита на Wi-Fi мрежите.
Венхоф истакнува дека безбедносната дупка во протоколот им овозможува на компјутерските хакери да ја кракуваат мрежата и да влезат во системот со нов клуч, со што постои можност хакерите да имаат пристап до шифрите, имејлот на корисниците на мрежата и до други кориснички шифри.
Се истакнува дека безбедносната дупка во протоколот WPA2 е ефикасна кај уредите што користат оперативен систем Android, Linux и OpenBSD, кај повеќе заштитените оперативни системи macOS и Windows и кај модемите MediaTek Linksys.
Експертите истакнуваат дека под ризик се сите Wi-Fi уреди поради безбедносната дупка, додавајќи дека е потребно да се биде внимателен поради можен напад со апликации што се користат за крадење податоци и за уцена. За отстранување на безбедносната дупка, се препорачува во системот да се инсталираат безбедносните надградувања (закрпа - patch).
Венхоф во координација со тимот за будност за итна компјутерска помош и институциите за кибер-безбедност на Европа подготви безбедносен извештај кој ќе биде претставен на Конференцијата за компјутерска и комуникациска безбедност (CCS), на 1 ноември 2017 година во Далас.