Ковид-19 предизвикува подолготрајни срцеви проблеми кај младите луѓе отколку вакцините
Истражувачите анализирале електронски здравствени картони од речиси 14 милиони деца во Англија под 18 години во период меѓу јануари 2020 и декември 2022 година, опфаќајќи 98 % од оваа популација
ЛОНДОН (АА) - Децата и младите се соочуваат со поголеми и подолготрајни ризици од ретки срцеви и воспалителни компликации по заразувањето со Ковид-19 отколку по вакцинацијата, според ново истражување објавено во „The Lancet Child and Adolescent Health“, јавува Анадолу.
Истражувањето - најголемо од ваков вид во оваа возрасна група - го водеа научници од универзитетите во Кембриџ и Единбург и Универзитетскиот колеџ во Лондон.
Истражувачите анализирале електронски здравствени картони од речиси 14 милиони деца во Англија под 18 години во период меѓу јануари 2020 и декември 2022 година, опфаќајќи 98 % од оваа популација.
Во тој период, кај 3,9 милиони деца беше дијагностициран Ковид-19 за прв пат, а 3,4 милиони ја примија својата прва доза од вакцината - „БајоНТек/Фајзер“ - главната вакцина што им се даваше на лица на возраст од 5 до 18 години во периодот на истражувањето.
Истражувањето покажа дека иако овие срцеви и воспалителни компликации се ретки, ризиците се многу поголеми и подолготрајни по заразувањето, отколку по вакцинацијата.
Главната авторка, д-р Алексија Сампри, од Одделот за кардиоваскуларна епидемиологија при Универзитетот во Кембриџ, изјави:
„Нашата студија на целата популација за време на пандемијата покажа дека иако овие состојби беа ретки, децата и младите луѓе имаа поголема веројатност да доживеат срцеви, васкуларни или воспалителни проблеми по заразувањето со Ковид-19 отколку по примањето на вакцината - а ризиците по инфекцијата беа подолготрајни.“
Тимот ги испитувал краткорочните и долгорочните ризици од состојби како што се миокардитис и перикардитис (воспаление на срцето и околното ткиво), згрутчување на крвта, низок број на тромбоцити и други воспалителни компликации.
По дијагностицирањето на Ковид-19, ризиците од сите пет состојби беа највисоки во првите четири недели, а кај некои останаа високи и до една година.
Спротивно на тоа, по вакцинацијата, во првите четири недели е забележано само краткорочно зголемување на ризикот од миокардитис или перикардитис - по што ризикот се вратил на почетната вредност.
Во текот на шест месеци, истражувачите проценија дека инфекцијата довела до 2,24 дополнителни случаи на миокардитис или перикардитис на 100.000 деца и млади луѓе, во споредба со 0,85 дополнителни случаи на 100.000 по вакцинацијата.
Коавторката, професорката Анџела Вуд, од Универзитетот во Кембриџ и заменик-директор во Центарот за наука за податоци на БХФ, изјави:
„Користејќи ги електронските здравствени картони од сите деца и млади луѓе во Англија, бевме во можност да проучиме многу ретки, но сериозни срцеви заболувања и компликации со згрутчување на крвта и откривме повисоки и подолготрајни ризици по инфекцијата со Ковид-19 отколку по вакцинацијата“.
„Иако ризиците поврзани со вакцината веројатно ќе останат ретки и краткотрајни, идните ризици по инфекцијата би можеле да се променат со појавата на нови варијанти и промена на имунитетот. Затоа следењето на здравствените податоци за целата популација останува од суштинско значење за насочување на одлуките за вакцинација и други важни одлуки за јавното здравје.“
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
