Jeyhun Aliyev
22 Февруари 2021•Ажурирај: 23 Февруари 2021
АНКАРА
Пациентите заразени со Ковид-19, што добиваат терапија со високи дози на цинк и витамин Ц, немаат значително подобрување во споредба со традиционалните третмани за лекување, покажува неодамнешното клиничко испитување спроведено во Соединетите Американски Држави (САД), јавува Агенција Анадолија (АА).
Иако медицинските експерти советуваат дека примањето дози на витамин Ц и цинк може да биде клучно во борбата против коронавирусот, истражувањето го покажа спротивното со пациентите што веќе се заразиле со Ковид-19.
„Во клиничкото испитување извршено на 214 пациенти дијагностицирани со Ковид-19, лекувањето со високи дози на цинк глуконат, аскорбинска киселина или комбинација на двата суплемента не покажа значително намалување на симптомите во споредба со стандардната нега“, изјави за АА коавторот на клиничкото испитување, д-р Милинд Десаи.
Првично, испитувањето беше со цел да се покаже дека високите дози на цинк и витамин Ц, исто така познат како аскорбинска киселина, ја намалуваат сериозноста или времетраењето на симптомите во споредба со вообичаената нега кај пациентите заразени со Ковид-19.
Испитувањето е спроведено од 27 април до 14 октомври 2020 година меѓу пациентите што добиле амбулантска нега во клиничките установи.
„Ова испитување е спроведено само во САД, во неколку центри во Охајо и Флорида во рамките на истиот здравствен систем“, изјави Десаи, кардиолог и професор по медицина на клиниката „Кливленд“, додавајќи дека 72 отсто од учесниците во испитувањето биле белци, а 24 отсто од нив црномурести.
Пациентите беа поделени во четири групи за во рок од 10 дена да добијат терапија или од по 50 милиграми цинк глуконат, 8.000 милиграми аксорбинска киселина, двата суплемента заедно или стандардна нега.
Пациентите што примиле стандардна нега без суплементи постигнале 50 отсто намалување на симтомите во просек од 6,7 дена во споредба со пациентите што примиле доза на витамин Ц и постигнале резултат за 5,5 дена. Пациентите што примиле доза на цинк глуконат постигнале намалување на симптомите во рок од 5,9 дена и пациентите што ги примиле двата суплемента постигнале резултат во рок од 5,5 дена.
На прашањето дали резултатите од испитувањето на 214 учесници ќе бидат применети на глобално ниво, Десаи рече дека тоа сè уште не е тестирано и дека најдобриот совет е социјалното дистанцирање, миењето раце и носењето маски, како и што е препорачано од Центрите за контрола на болести и заштита и Светската здравствена организација.