Efsun Yılmaz
30 Октомври 2018•Ажурирај: 31 Октомври 2018
ИЗМИР (АА) - Врз основа на анкетата што е спроведена на американскиот Државен универзитет „Охајо“, според која групата која употребувала парацетамол, покажала помала реакција на прикажаните видеоснимки и фотографии со насилство, професорите од катедрата на Одделот за физиологија на Медицинскиот факултет при Универзитетот „9 Септември“ во Измир, започнаа научно истражување, поддржано од Научно-технолошкиот истражувачки совет на Турција (ТУБИТАК), пишува Anadolu Agency (AA).
Во рамките на истражувањето на тема „Влијанието на парацетамолот врз емаптијата“, турските истражувачи изведоа експерименти врз животни, при што цели 12 дена врз глувците коишто се користени во експериментот, работеле со „уред за емпатија“ што ја користат научниците од јапонскиот Универзитет „Квансеи Гакуин“.
Во уредот исполнет со вода, во кој глувците се соочиле со давење, бил спроведен експеримент во кој дел од глувците научиле како да ја отворат вратата за да се спасат. Потоа на глувците им биле дадени средства против главоболка и за намалување на температурата кои содржат парацетамол.
Забележано е дека животните на кои во експериментот не им бил даден парацетамол, за кусо време се спасиле, додека оние на кои им била дадена мала и средна доза од лекот, периодот на спасување бил подолг.
Кај глувците на кои им била дадена голема доза од лекот, забележано е дека тие биле рамнодушни на давењето и не ја отвориле вратата за да се спасат.
- Измерено е и нивото на хормони
Проф. д-р Назан Ујсал Харзадин од Одделот за физиологија на Медицинскиот факултет при Универзитетот „9 Септември“ во Измир, за АА изјави дека го измериле нивото на емпатија, истакнувајќи дека парацетамолот влијае врз нивото на емпатија, и додаде дека групата којашто не ја земала оваа активна супстанција, за една минута ја отворила вратата на „уредот за емпатија“.
Харзадин рече дека резултатите од експериментот се објавени во списанието „Pharmacology Biochemistry and Behavior“, и додаде: „Направивме истражување во кое самите себеси се ставивме во положба на лицето спроти нас, со цел да ги интернализираме (пренесување на одредени надворешни норми, стандарди, односи и акции во внатрешноста, доживувајќи ги како сопствени) неговите чувства и разбирања. Емпатијата веднаш падна кај оние што добија висока доза парацетамол, кај оние со средна доза, емпатијата падна за три дена, додека кај оние со мала доза, нивото на емпатија се намали во рок од пет дена.“
Проф. д-р Харзадин, наведувајќи дека во научното истражување не работеле само со уредот, додаде „Ги измеривме и областите од мозокот поврзани со емпатија, т.е. нивото на хормоните prefrontal korteks и amigdalada. Забележавме дека е ниско нивото на oksitosin и vazopressin, кои го обезбедуваат сочувството.“
- Кај некои болести, нивото на емпатија е ниско
Зборувајќи за парацетамолот кој денеска се смета за најбезбедна активна супстанција во светот, проф. Харзадин продолжи со зборовите:
„Овој лек им се дава и на трудници и на новороденчиња. Се смета за исклучително безбеден. Може да се купи без лекарски рецепт и неговата употреба е раширена. Но потребни се консултации со лекар при употреба на овој лек. Според некои истражувања што се спроведени на светско ниво, откриено е дека емпатијата е поврзана со некои болести. Можеме да забележиме дека способноста на емпатијата која ја олеснува комуникацијата меѓу луѓето и овозможува заеднички живот во општеството, се намалува при одредени болести. Познато е дека нивото на емпатија е ниско кај депресија, шизофренија, аутизам.“