Musab Turan
07 Август 2019•Ажурирај: 08 Август 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Покрај многубројните лекови кои се користат за сузбивање на симптомите на Паркинсоновата болест, сѐ почесто се изведува и хируршки зафат, а станува збор за длабока стимулација на мозокот (Deep Brain Stimulation - DBS), постапка откриена во 1987 година од страна на францускиот неврохирург Алим Луис Бенабид. Станува збор за вградување на електроди во мозокот, со што пациентот се ослободува од тресењето (треперењето), пишува Anadolu Agency (AA).
Паркинсоновата болест накратко е болест на нарушување на движењето поради намалување на лачењето на допамин во делот на мозокот кој игра важна улога во контролата на движењата. Болеста е именувана по лекар од Лондон, д-р Џејмс Паркинсон, кој во 1817 година прв ги опиша симптомите на болеста.
Екипата на АА присуствуваше на еден таков оперативен зафат во Истанбул, кој го изведе специјалистот неврохирург д-р Али Зирх, во Центарот за Паркинсонова болест и нарушување на движењата при Универзитетот „Медипол“. Доктор Зирх вгради електроди на 42-годишна пациентка од Либија, а во разговор со АА говореше за самиот процес и карактеристиките на оваа постапка.
Тој истакна дека благодарение на електродите кои можат да се програмираат, и во интервали да се испраќаат бранови во мозокот, пациентката во рок од две недели ќе се ослободи од проблемите со треперењето.
Пациентката, кај која веќе шест години е присутна Паркинсоновата болест, во текот на зафатот била будна, и преку „Фејстајм“ разговарала со семејството што се наоѓа во Америка.
Доктор Зирх истакна дека овој оперативен зафат без сомнеж го подобрува квалитетот на животот на лицата кои боледуваат од Паркинсонова болест.
„Со поставување на две тенки електроди во мозокот и со испраќање електрични бранови имаме можност да ја промениме, потиснеме или да ја поттикнеме активноста на станиците во подрачјето од кое произлегува болеста. Не постои неврон во мозокот до кој не можеме да стигнеме. Значи, можеме да дојдеме до секој од нив и да испратиме кон него електрични бранови. Оваа операција ја извршуваме многу успешно и таа е една од најчестите кога станува збор за нарушувањата во движењето“, рече Зирх.
Тој нагласува дека и во случаи на секое друго треперење на рацете, претерани контракции на телото, вградувањето електроди е многу корисно.
„Депресијата, психијатриските болести како опсесивно-компулсивното нарушување (OCD), ако нашите истражувања дадат добри резултати, може да се користи и во лечењето на Алцхајмеровата болест и слични болести, контролата на апетитот, намалувањето на помнењето...“, објасни Зирх.
Тој потсети дека пациентката во текот на зафатот била будна, и дека оперативниот зафат поминал во разговор со неа.
Исто така нагласи дека пред самиот почеток на операцијата било потребно мапирање на мозочните станици на пациентите.
„Во рамките на двочасовниот процес со кој патувавме низ различни делови на мозокот, со методата којашто ја нарекуваме снимање и стимулација на микроелектродите, пронајдовме поединечни ќелии од кои произлегува болеста. На некој начин направивме физиолошка карта на мозокот“, објасни Зирх.
Операцијата се завршува со вградување жици и надворешен уред со кој се напојува системот. Целокупната постапка трае од 3,5 до четири часа.
„Операцијата завршува, но целокупниот процес, односно најзначајниот дел почнува токму тогаш. Пациентот доаѓа на контроли на кои ние правиме програмирање на мозочните станици. Она што претставува најзначајна специфичност кај овие уреди е тоа што можат да се програмираат, да се наместат и ни овозможуваат да испраќаме електрични бранови до мозокот“, рече Зирх.
Тој додаде дека пациентите кои живеат во Турција доаѓаат на контрола секои три до четири месеци, додека пациентите од странство доаѓаат на контрола еднаш во шест месеци. Зирх рече дека векот на траење на електродите вградени во мозокот е помеѓу четири и шест години, во зависност од старосната вораст на пациентот и стадиумот на болеста.
Францускиот неврохирург Алим Луис Бенабид, кој ја откри оваа постапка, користел вообичаена техника за испраќање електрични импулси во мозокот за да го активира делот од мозокот што сакал да го отстрани. Со оваа постапка сакал да провери дали тој дел од мозокот не ја извршува клучната функција за која е наменет. Од непознати причини, д-р Бенабид користел двојно повеќе електрична енергија отколку што требало, и на тој начин направил револуционерно откритие - бранот струја го запрел треморот кој со години го мачел пациентот.
Откритието на д-р Бенабид дека електричната енергија може да ја промени нервната активност, во 1997 година стана процедура која ја одобри и американската ФДА за лекување на Паркинсоновата болест и есенцијалните тремори.