Rabia İclal Turan
07 Април 2026•Ажурирај: 07 Април 2026
Астронаутите од мисијата „Артемис II“ на НАСА стигнаа најдалеку што досега стигнал човекот. По успешниот прелет околу Месечината, тие се наоѓаат на пат назад кон нашата планета, соопшти денес американската вселенска агенција, пренесува Анадолу.
Вселенското летало „Орион“ достигна максимално растојание од приближно 406.771 километар од Земјата, со што го надмина рекордот поставен од екипажот на „Аполо 13“ во 1970 година, се наведува во соопштението.
За време на мисијата, четворицата астронаути, Рид Вајсман, Кристина Кох, Виктор Гловер и Канаѓанецот Џереми Хансен ја набљудуваа далечната страна на Месечината и посведочија на затемнување на Сонцето видливо единствено од вселената.
Вселенското летало, исто така, го оствари своето најголемо „приближување“ до површината на Месечината, на височина од околу 6.545 километри над површината, пред да ја започне својата повратна траекторија, соопшти НАСА.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, во своето обраќање во живо до екипажот, упати пофалби за мисијата и за идните планови со цел истражување на вселената.
„Луѓето долго време не биле таму, но тоа ќе станува сè почеста појава бидејќи многу ќе патуваме“, изјави Трамп, додавајќи дека астронаутите „на крајот ќе го реализираат и големото патување до Марс“.
„Вашата мисија го поплочува патот за враќањето на Америка на површината на Месечината многу наскоро“, додаде тој.