Berk Kutay Gökmen
06 Април 2026•Ажурирај: 06 Април 2026
Неодамнешна студија покажа дека ајкулите на Бахамите, островска држава во Атлантскиот Океан, биле позитивни на супстанции како кокаин, кофеин и вообичаените лекови против болка, нагласувајќи го присуството на фармацевтски загадувачи дури и во морските средини кои често се опишуваат како недопрени, јавува Анадолу.
Лековите и наркотиците кои сѐ почесто се детектираат во морските средини, особено во областите со развиен туризам, се вбројуваат во т.н. ЦЕЦ-супстанции, односно загадувачи кои претставуваат нов вид закана, се вели во студијата објавена на „Сајенс директ“.
Резултатите се добиени со анализа на 85 ајкули, од кои кај 28 се пронајдени четири ЦЕЦ-супстанции, односно загадувачи кои претставуваат нов вид закана, и тоа: ацетаминофен, диклофенак, кокаин и кофеин.
Истражувачите зеле примероци за анализа од 5 видови ајкули, меѓу кои лимонеста ајкула, црноперка ајкула, атлантска ајкула-дадилка, карипски гребенски ајкули и тигар-ајкула.
„Според нашите сознанија, ова е првиот извештај за детектиран кофеин и ацетаминофен кај кој било вид ајкула во светот, и првиот извештај за диклофенак и кокаин кај ајкули од Бахамите, средина која вообичаено се опишува како недопрена”, се наведува во студијата.
Резултатите од студијата укажуваат дека ајкулите кај кои биле присутни овие ЦЕЦ-супстанции, исто така, покажале и изменети нивоа на триглицериди, уреа и лактати, во споредба со ајкулите кои ги немале овие супстанции.