Seyit Şamil Kurt
27 Февруари 2026•Ажурирај: 03 Март 2026
ИСТАНБУЛ (АА) - Компанијата за вештачка интелигенција „Антропик“ вчера соопшти дека нема да го исполни барањето на Министерството за одбрана на САД за намалување на заштитните механизми на нејзините системи за вештачка интелигенција, наведувајќи ја загриженоста за масовен надзор, јавува Анадолу.
Во соопштението извршниот директор Дарио Амодеј наведе дека компанијата се противи нивниот модел на вештачка интелигенција Клод да се користи за „масовен надзор“ или „автономно оружје“.
Тој нагласи дека напредните системи на вештачка интелигенција не се доволно сигурни за да управуваат со такво оружје без човечки надзор и дека бараат заштитни механизми што „денес не постојат“.
Вештачката интелигенција може да ја поддржи националната безбедност, но предупреди дека масовниот надзор воден од вештачка интелигенција може да претставува ризик за слободата на граѓаните, додаде тој.
Преговарањата меѓу „Антропик“ и Пентагон се одвиваат со недели. Администрацијата на Трамп упатува закани дека ќе го активира Законот за одбранбено производство, кој ѝ овозможува на Владата да ги обврзе компаниите да ги приоритизираат потребите на националната одбрана, а размислува да ја етикетира „Антропик“ како „ризик за синџирот на снабдување“. Таквото етикетирање би ги спречила сите соработници на Министерството за одбрана да го користат нејзиниот софтвер.
Пентагон побарал од „Боинг“ и „Локхид Мартин“ детално да ја објаснат својата зависност од моделот Клод.
Портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, негираше дека Министерството има намера да користи вештачка интелигенција за незаконски надзор или автономно оружје без човечко учество. Во објавата на американската платформа за социјални медиуми тој наведе дека Пентагон настојува да го користи моделот на „Антропик“ за „сите законски цели“ и дека нема да дозволи приватна компанија да диктира оперативни одлуки.