Burcu Arik
15 Мај 2018•Ажурирај: 15 Мај 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот премиер, Бинали Јилдирим, најостро ги осуди властите на Израел и САД поради убивањето на невините и обесправените Палестинци во блокираната Газа, јавува Anadolu Agency (AA).
„Го проколнуваме Израел поради тоа што со оружје го нападна невиниот палестински народ кој се собра на мирни протести. На ист начин најостро ги осудуваме властите на Америка кои досипуваат бензин врз огнот кој го загрозува мирот во регионот“, порача Јилдирим во денешното обраќање на клубот на парламентарните пратеници на владејачката турска Партија за правда и развој (АК Партија).
Истакнувајќи дека целиот свет вчера сведочеше на израелскиот терор врз палестинските демонстранти во Газа, Јилдирим изјави дека се убиени најмалку 60, а ранети речиси 3.000 Палестинци.
Тој потсети дека Турција е со Палестина и со братскиот палестински народ и дека затоа прогласила тридневна национална жалост и ги повлекла своите амбасадори од Тел Авив и Вашингтон. Денес и турскиот Парламент ќе одржи посебна седница на која ќе се дискутира за ситуацијата на Блискиот Исток.
„Израелските куршуми испукани на Палестинците се куршуми истрелани во совеста на човештвото. Американското преместување на Амбасадата во Ерусалим е саботажа на мировниот процес на Блискиот Исток и не го прифаќаме тој потег. За нас таа одлука е ништовна“, изјави Јилдирим.
Тој изјави дека властите на САД ја занемариле Одлуката на ОН која ја изгласале 128 членки, а со која Вашингтон се повикува да ја поништи погрешната Одлука за признавање на Ерусалим (Кудс) како израелски град.
„Исламските земји треба да ги ревидираат своите односи со Израел. Наспроти злосторството, исламскиот свет мора да покаже единство, човештво и заедништво. На тие злосторства не може да се молчи. Турција не молчи, ниту ќе молчи“, порача Јилдирим.