Besar Ademi
26 Октомври 2016•Ажурирај: 27 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Турскиот амбасадор во Република Македонија, Омур Шолендил, чиј мандат како амбасадор завршува овој месец, одржа почесно предавање со наслов „Мојот живот како дипломат“ на Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ). Тој изјави дека во Македонија се чуствувал како дома и дека неговото срце и душа секогаш ќе бидат тука покрај народот, јавува Anadolu Agency (AA).
Амбасадорот Шолендил вели дека неговата кариера како дипломат започнала во 1976 година и во текот на овие години служел на неколку важни функции. Тој во продолжение, оценувајќи го Балканот како силно место, додаде дека во овој регион којшто секогаш бил и ќе биде силен, добил големо искуство.
„Моето семејство беше во Турција, меѓутоа јас тука најдов поголемо семејство. Секој тука стана дел од семејството. Учењето не познава возраст, тука научив многу нешта од вас“ рече Шолендил, додавајќи дека функцијата како амбасадор за последен пат во Македонија претставува посебна чест за него.
Шолендил во својот говор им се обрати и на студентите, на кои им порача да ги следат иновациите, случувањата и идеите во светот.
„Овој универзитет е еден прозорец на можности за вас. Користејќи ја оваа можност и работејќи многу, вие ќе станете лидери на иднината. Не ограничувајте се со вашата план-програма, читајте и работете и надвор од неа, затоа што само наставните предмети не се доволни за вие да се подготвувате за иднината“, порача Шолендил.
Зборувајќи за поддршката и должностите на институциите во земјата во секоја активност во текот на неговиот мандат во Македонија, Шолендил ѝ се заблагодари и на Anadolu Agency (АА).
Ректорот на ИБУ, Исмаил Коџајусуфоглу, во своето обраќање пред присутните рече дека Шолендил не беше само амбасадор, туку вистински брат кој секогаш се ангажирал за да придонесе за мирот во целиот свет.
„Уште од првиот ден кога го примивме амбасадорот во Скопје, без да биде официјално именуван како амбасадор, почна да се занимава со нашите проблеми или со прашањата за кои разговаравме со нашите студенти. Тој својот живот го посвети на братството, мирот во светот, особено на проблемите на Меѓународниот балкански универзитет. Јас длабоко му се заблагодарувам за неговиот придонес за ИБУ, но и за сите напори за проблемите на луѓето и за мирот во светот“, изјави Коџајусуфоглу .
На крајот на програмата, Коџајусуфоглу му врачи благодарница на амбасадорот Шолендил за неговиот придонес во ИБУ.
Пред претставниците на државните институции во земјата, турските организации во Македонија и студентите што беа присутни на предавањето на амбасадорот Шолендил, се обрати и почесниот конзул на Турција во Македонија, Ајдоган Адемовски, како и членот на Уставниот суд во Македонија, Салих Мурат, кои му се заблогодарија на амбасадорот за дадениот придонес.
На предавањето на турскиот амбасадор присуствуваше и координаторот на Турската агенција за координација и развој (ТИКА), Теоман Тирјаки, заменик/директорот на Турскиот културен центар „Јунус Емре“, Фуат Коркмаз, државниот секретар на Министерството за култура на Македонија, Бехиџудин Шехаби, како и други гости.
Турскиот дипломат Шолендил е роден на 20 јули 1953 година во Истанбул. Во својата 40-годишна кариера како дипломат на Турција, бил заменик конзул во Алепо, Сирија, конзул во амбасадата во Осло, Норвешка, генерален конзул во Батуми, Грузија, генерален конзул во Цирих, Швајцарија, постојан претставник на Турција во канцеларијата на ОН во Виена, амбасадор во Монголија, Триполи, Букурешт и сега во Скопје, како и други важни дипломатски функции.