Meltem Bulur
17 Ноември 2017•Ажурирај: 17 Ноември 2017
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека во пресрет на Самитот во Сочи на 22 ноември, на кој претставниците на Турција, Русија и на Иран ќе разговараат за сириската криза, шефовите на дипломатиите на трите земји овој викенд ќе се состанат во Анталија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Пред состанокот во Сочи високите дипломати и експертите од нашите земји ќе одржат состанок. Исто така, за време на викендот во Анталија ќе се состанат и министрите за надворешни работи на трите земји. Како и да е, ќе го одржиме овој самит. Ќе разговараме за тоа што до денес правевме, до каде стигнавме и кои чекори ќе ги преземеме во наредниот период. Ќе дискутираме и за начинот на кој да придонесеме за стабилноста и мирот во Сирија“, изјави Чавушоглу на прес-конференцијата по состанокот во Анкара со Гебран Басил, министерот за надворешни работи и мигранти на Либан.
Тој нагласи дека по разговорот во Астана е постигнат значаен напредок во врска со постигнувањето решение за сириската криза.
Тој додаде дека во овој момент најважно е фокусирање на постигнувањето политичко решение во Сирија.
Тој се осврна и на односите меѓу Турција и Либан, напоменувајќи дека Анкара силно го поддржува единството на таа земја.
Турција го поддржува единството, заедништвото и стабилноста на Либан. Се противиме на секоја постапка која би ја довела во опасност стабилноста на оваа земја“, изјави Чавушоглу.
Тој потсети дека Либан во минатото се соочувал со голем број проблеми и предизвици, додавајќи дека сепак таа земја прифаќа многу бегалци од Сирија.