Emin Avundukluoğlu
07 Октомври 2016•Ажурирај: 08 Октомври 2016
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за европски работи, Омер Челик, денес изјави дека со ослободувањето на граничната област од ДАЕШ, турската операција „Штитот на Еуфрат“ исто така ги обезбедува и границите на Европа и НАТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи на заедничката прес-конференција со италијанскиот министер за наадворешни работи, Паоло Џентилони во Анкара, Челик изјави дека турската граница е расчистена од елементите на ДАЕШ со помош на Слободната сириска армија.
„Не само што за првпат се расчистени турските граници од ДАЕШ, туку расчистени се и европските граници и границите на НАТО за првпат исто така“, изјави Челик.
„Секој преземен чекор од страна на Турција како суверена држава, ја обезбедува Европа, а исто така го обезбедува и НАТО“, рече тој.
Турската операција „Штитот на Еуфрат“ започна на 24 август, со цел зајакнување на граничната безбедност, поддршка на коалициските сили и елиминирање на заканата од страна на терористичките организации, особено од ДАЕШ.
Менување на Законот за антитероризам
За сеуште нереализираниот договор за визна либерализација меѓу Турција и ЕУ, поради несогласување околу менувањето на законодавството за антитероризам, Челик изјави дека Турција со години се борела со терористички групи како ДАЕШ, ФЕТО и ПКК.
„Доколку големите земји во Европа се соочеа со ваква опасност, никому немаше да му се случи да го менува Законот за антитероризам“, додаде тој.
Турција и ЕУ во март потпишаа договор со цел да се спречи илегалната миграција преку Егејското Море, преземајќи строги мерки против трговијата со луѓе и подобрувајќи ги условите за речиси три милиони сириски бегалци во Турција.
Договорот исто така овозможува забрзување на процесот за членство на Турција во ЕУ и безвизниот режим на турските државјани во Шенген-зоната, под услов Анкара да ги исполни 72-те барања поставени од страна на ЕУ.
Додека Турција ги исполни повеќето од критериумите, разликите во ставот меѓу Брисел и Анкара за законодавството за антитероризам, го спречија договорот за визна либерализација.