Bekim Laci
24 Мај 2016•Ажурирај: 25 Мај 2016
СКОПЈЕ (AA) - Бегалската и мигрантската криза, насилниот екстремизам, борбата против тероризмот и организираниот криминал, беа главните теми за кои разговараа на денешната средба во Скопје министерот за внатрешни работи на Македонија, Митко Чавков и неговиот полски колега Маруш Блашчак, кој престојува во работна посета на Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во својата изјава за медиумите по средбата со својот полски колега Блашчак, министерот за внатрешни работи Чавков рече дека причината за посетата на полската делегација е поддршката што Македонија ја добива од земјите-членки на Вишеградската група, чија членка е Полска, која испрати контингент полицајци кој извршува заеднички активности со македонските полициски службеници на јужната граница на Македонија со Грција.
Чавков и Блашчак, на средбата разговараа и за активностите од грчка страна кои се започнати денеска за дислокација на бегалците од кампот Идомени, при што Чавков изрази уверување дека со тоа ќе се намали притисокот врз Република Македонија.
„Сепак, сметаме дека овие предизвици со бегалската криза нема да завршат, односно нема да се елиминираат со самото дислоцирање на бегалците од Идомени во внатрешноста на Република Грција. Се додека постојат причините ќе постојат и последици од овие состојби кои се генерираат со бегалската криза. Како и да е, сметам дека постигнавме еден соодветен квалитет ние како Република Македонија дадовме силен придонес", рече министерот Чавков, наведувајќи дека тоа и во оваа прилика било одадено признание од МВР на Полска, како и од други држави за сите напори што ги прави Македонија во справувањето со бегалската и мигрантската криза.
Според министерот Чавков, се очекува да се зголеми бројот на обиди за нелегално преминување на границата со Македонија, поради што, смета тој, потребна е континуирана соработка во борбата против трговијата со луѓе.
Министерот за внатрешни работи на Република Полска, Маруш Блашчак истакна дека Македонија има добра соработка со Полска во рамките на Вишеградската група и тоа според него резултираше со испраќање на 30 гранични полицајци на Полска во Македонија. Тој рече дека полицајците кои се добро обучени професионалци, кои се производство на резултати на теренот.
„Како резултат на добрата соработка во рамки на земјите од Вишеградската група одлучивме да испратиме контингент составен од 30 службени лица од полската гранична полиција добро обучени професионалци. Од разговорите дознавме дека соработката на терен се одвива многу добро и има веќе мерливи резултати. Таа политика ќе продолжи. Од 1 јули Полска го презема претседателството со Вишеградската група. Начинот и политиката на справување со бегалската криза ќе биде на исто ниво како и досега, ќе даваме поддршка, рече Блашчак.
Полската делегација попладне ќе го посети и прифатниот центар „Винојуг“ каде ќе оствари средба со командирот на полскиот контингент.