Hajer M'tırı
11 Септември 2018•Ажурирај: 12 Септември 2018
ПАРИЗ (АА) - Грчкиот премиер Алексис Ципрас денес пред европските законодавци во Стразбур истакна дека Европа треба да биде обединета за да му се спротивстави на „чудовиштето наречено шовинизам“ на претстојните избори во ЕУ во мај, јавува Anadolu Agency (AA).
Грчкиот премиер нагласи дека „европскиот сон не може да биде срушен помеѓу деструктивниот неолиберализам и ужасната крајна десница“, и додаде дека „европските избори ќе бидат многу повеќе од само уште едни избори, ќе бидат битка врз база на принципи и вредности за пораз на екстремниот неолиберализам и екстремнодесничарскиот популизам“, истакнувајќи дека, според него, изборите во мај следната година ќе бидат пресвртница за судбината на Европа.
„За жал, денеска се соочуваме со јакнење на екстремната десница. Ваквата ситуација со себе носи опасности, како што е поделба на Европа“, рече Ципрас, и додаде:
„Затоа, во оваа битка, сите прогресивни, демократски и проевропски сили имаат должност да застанат едни до други на иста страна од историјата. Не смееме да дозволиме Европа да се врати назад кон минатото“, ги предупреди Ципрас пратениците во Европскиот парламент.
Во своето обраќање, тој понатаму истакна: „Ги отворивме нашите врати за бегалците. Според бројот на жители, ние сме земја која прими најголем број бегалци во Европа. Додека некои земји градеа ѕидови долж своите граници, Грција се бореше против говорот на омраза.“
Во продолжение Ципрас истакна дека последен пат се обратил пред Генералното собрание на Европскиот парламент во 2015 година, и додаде дека во тој период неговата земја била во многу тешка ситуација и на работ на голема криза.
„Сега можеме позитивно да гледаме на иднината. Грција беше проблем за ЕУ, а сега е извор на решение“, рече Ципрас.
Тој посочи дека Грција во периодот од 2010 до 2014 година загубила третина од своето национално богатство, и продолжи со зборовите:
„Имавме многу малку надеж, но три години подоцна се вративме како потполно нова држава. Тоа е успех на цела Европа. Резултат на солидарноста и соработката меѓу земјите. Покажавме дека е можно да се излезе од криза без разбивање на општественото ткиво. Пред три години никој не веруваше во тоа. Направивме радикални измени. Повторно ги вративме нашиот економски суверенитет и местото на европската сцена. Остваривме бројка од 400.000 нови работни места. Во исто време спречивме одлив на мозоци“, рече Ципрас.
Ципрас истакна дека излегувањето на неговата земја од Програмата за финансиска помош не значи враќање кон минатото, туку дека претставува еден нов почеток.
„Ние сме одлучни да ги избегнеме грешките и однесувањето од минатото кои доведоа до кризата. Крајот од Програмата за фискално приспособување е раскинување со минатото“, рече Ципрас.
Тој вети дека ќе продолжи со модернизација на грчката јавна администрација и дека ќе продолжи на патот на фискалната стабилност.
Грчкиот премиер, исто така, упати критики до институциите на Европската Унија дека стануваат сè повеќе технократски, со донесувањето одлуки зад затворени врати.
„Ова значеше дека многу слоеви од нашиот народ беа принудени да се соочат со бедна сиромаштија, што создаде голем страв. Овој неуспех на неолибералниот одговор на кризата го храни чудовиштето наречено шовинизам и десничарски популизам.“