Ivana Ramadanova
08 Јуни 2016•Ажурирај: 09 Јуни 2016
СКОПЈЕ (АА) - Германскиот специјален пратеник за Македонија, Јоханес Хајндл, на денешната прес-конференција ја информираше јавноста за дводневните средби со потписниците на Договорот од Пржино, јавува Anadolu Agency (AA).
Според Амбасадорот Хајндл, добра вест е тоа што излезот од политичката криза е содржан во Пржинскиот договор, но лошата вест е што овој процес е блокиран, кризата продолжува да трае, а времето истекува.
„Договорот од Пржино треба да се реафирмира бидејќи обезбедува рамка за процесот на реформи, важни за изнаоѓање излез од кризата и за напредокот кон евро-атланските интеграции на земјата”, рече Хајндл.
Амбасадорот Хајндл посочи три точки што се важни да се спроведат без одложување.
„Прво, самите партии треба да се договорат за датум за изборите и да го направат тоа што е потребно за спроведување на слободни и фер избори. Второ, на Специјалното јавно обвинителство мора да му биде овозможено да работи без опструкции и, трето, партиите мора да се договорат без одложување за спроведување на реформите нотирани во извештајот на Прибе. Потребно е лидерите на партиите да го стават интересот на земјата на прво место и да ги спроведат потребните реформи”, подвлече Хајндл.
Хајндл уште еднаш ја поздрави одлуката на претседателот за целосно поништување на аболицијата, додавајќи дека тоа ќе овозможи фокус на оние прашања што се клучни за иднината на земјата.
По средбата со Германскиот специјален пратеник за Македонија Јоханес Хајндл, изјава за медиумите даде и лидерот на ДПА, Мендух Тачи, кој истакна дека е песимист дека постои шанса Пржинскиот договор да оживее.
„Не верувам дека напорите на германскиот пратеник Јоханес Хајндл ќе резултираат со успех. Враќањето на старата власт е премногу сложена состојба”, рече Тачи, додавајќи дека не верува оти сите лидери ќе седнат на заедничка маса да преговараат и дека не треба да се дискутира само по одредени точки од Пржинскиот Договор.