Meltem Bulur
05 Октомври 2016•Ажурирај: 05 Октомври 2016
АНКАРА (АА) - Министерството за надворешни работи на Република Турција го повика на разговор амбасадорот на Ирак во Анкара, Хисам Али Екбер Ибрахим ал Алеви, а причината за повикот е вчерашната спорна одлука на иранскиот Парламент кој остро ја критикуваше Турција поради продолжувањето на военото присуство на територијата на Ирак, јавува Anadolu Agency (AA).
Неименуваниот дипломатски извор за АА изјави дека амбасадорот Алеви во Министерството е повикан на итен разговор, утринава во 09:00 часот по локално време.
Парламентот на Ирак на вчерашната седница ја усвои одлуката со којашто се спротивставува на неодамнешната одлука на турскиот Парламент со која на Турските вооружени сили им се продолжи дозволата за ангажман надвор од турските граници.
Ирачкиот Парламент упати и дипломатска нота до турската амбасада во Багдад и припадниците на турската војска кои во Ирак им даваат обука на ирачките доброволци за борба против терористичката организација ДАЕШ ги нарече окупаторски сили. Во одлуката на ирачкиот Парламент, понатаму, се осудуваат изјавите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и се повикува ирачката Влада да ги ревидира трговските и економските односи со Турција.
Министерството за надворешни работи на Турција најостро ја осуди вчерашната одлука на ирачкиот Парламент, кој инсинуира различни обвинувања на сметка на официјална Анкара.
„Ја осудуваме одлуката на ирачкиот Парламент донесена на 4 октомври. Особено протестираме и за неприфатлив го оценуваме делот во кој на претседателот на Турција му се ставаат на товар бројни обвиненија“, се наведува во пишаната реакција на турското министерство.
Големото народно собрание на Република Турција (ТБММ), на 1 октомври го усвои предлогот на Владата на Република Турција за продолжување на мандатот на турската војска до 30 октомври 2017 година, да спроведува воени операции преку границите, во соседните земји Ирак и Сирија.
Предлогот на Владата на Република Турција на гласањето во Парламентот го поддржаа претставниците на владејачката Партија за правда и развој (АК Партија), како и опозициската Републиканска народна партија (ЏХП) и Партијата на националното движење (МХП).
Ангажманот на турската војска во Сирија се однесува на продолжување на програмата за обука на доброволци во Бешика кај Мосул, а во рамките на борбата против терористите на ДАЕШ во тој регион.