Melda Altakhan
22 Октомври 2016•Ажурирај: 23 Октомври 2016
АФИОНКАРАХИСАР (AA) - Премиерот на Република Турција Бинали Јилдирим изјави денес дека иднината на Европската унија (ЕУ) е можна само со Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Јилдирим зборуваше на состанокот на Партијата на правата и развојот (АК Парти) кој е одржан во турскиот град Афјонкарахисар, а во таа прилика се осврна на актуелните случувања во Турција и регионот. Јилдирим се осврна и на патот на Турција кон ЕУ и рече:
„Иднината на Европската унија со визија е можна единствено со Турција. ЕУ, која сака да има глобална улога на политички и економски план, во тоа може да успее само со Турција. Во таа смисла, сите одлуки кои ЕУ ги даде во врска со Турција, вклучувајќи и безвизен режим, стануваат одлуки кои ги даде во врска со својата иднина", порача Јилдирим.
Истакна дека Турција веќе пола век работи на членството во ЕУ, како и дека во тој период направи повеќе од оноа за што била обврзана.
„Од сега одлуката е на ЕУ. Можат да ја користат желбата во насока на влегувањето на Турција во ЕУ или некоја друга насока. Одлуката е нивна. Турција секогаш има свои алтернативи. Но, Европа нека не заборава, премногу пренемагање ќе го премори вљубениот", беше пораката на Јилдирим.
Кога е во прашање борбата против терористичката организација ФЕТО, Јилдирим истакна дека ниту еден припадник на ФЕТО не може да биде член на АК Партија.
„Во оваа партија никогаш немало ниту ќе има место за терористи. Ако веќе се инфилтрирале тогаш бидете без сомнеж дека ќе бидат протерани", рече Јилдирим.
Во врска со случувањата во Ирак, премиерот на Република Турција истакна дека прашањето на Ирак не е страно прашање на Турција.
„Ирак е прашање за нашите браќа. Иднината на нашите соседи во Ирак, Сирија, Блискиот исток е заедничка иднина на ова подрачје", порача премиерот Јилдирим.