БРИСЕЛ (АА) - Турскиот министер за европски прашања и главниот преговарач Омер Челик, рече дека денешното отворање на 33-то поглавје од преговорите за пристапување на Турција во Европската унија претставува најконкретна индикација дека Турција и ЕУ се приврзани кон целта Турција да стане членка на Унијата, јавува Anadolu Agency (AA).
На денешната меѓувладина конференција, турски и претставници од ЕУ го отворија 33-то поглавје кое се однесува на финансиските и буџетски одредби и содржи одредби поврзани со изворите на финансирање на фондовите на ЕУ.
На почетокот на состанокот, турскиот министер Челик им се заблагодари на институциите на Европската унија за острата осуда и пораките со сочувство кои ги испратија по терористичкиот напад на истанбулскиот аеродромот „Ататурк”.
Потсетувајќи дека пристапните преговори на Турција cо Европската унија се започнати на 3-ти октомври 2005 година, Челик рече дека кон крајот на минатата година, е отворено 17-то поглавје за ускладување на економската и финансиската политика, а сега и 33-то поглавје што укажува дека е задржан позитивен тренд во преговарачкиот процес. Тој додаде дека Турција сега има вкупно 16 отворени поглавја и едно привремено затворено поглавје.
„Отворањето на две важни поглавја во рок од шест месеци по неколкугодишниот застој во преговорите, е доказ за тоа колку можеме да постигнеме доколку делуваме со исто стратешко гледиште”, рече Челик.
Истакнувајќи дека полноправното членство во ЕУ е многу важна цел за Турција, Челик истакна дека и за ЕУ е од клучно значење воспоставувањето на нови механизми, нови сојузи и поширока европска идеја во време на големи кризи.
Турскиот министер за финансии, Наџи Агбал, изјави дека преземањето на правните содржини од денес отвореното поглавје за Турција нема да претставува никаква потешкотија.
По седницата на високи турски и ЕУ претставници се одржа и прес-конференција на која Агбал истакна дека двете страни ги завршиле сите преземени обврски и технички задачи со цел отворање на поглавјето.
„Постоечките институционални капацитети на Турција се доволни за имплементација на содржината од поглавјето. Сите институции се обучени и имаат механизам за координација потребен за имплементација на одредбите од поглавјето”, рече Агбал.
- Кундерс: Напредокот на преговорите е условен со задоволување на критериумите -
Министерот за надворешни работи на Холандија, претседателот на Европската унија, Берт Кундерс, на прес-конференцијата истакна дека ЕУ е со Турција и нејзиниот народ во борбата против тероризмот како глобална закана за безбедноста и мирот.
Изразувајќи задоволство од денешното отворање на новото поглавје во преговорите, Кундерс рече дека ЕУ и Турција имаат блиска соработка на полето на бегалската криза, борбата против тероризмот, енергетиката, економијата и трговијата.
Нагласувајќи дека претходно донесената одлука за интензивирање на процесот на приближување на Турција кон Унијата, Кундерс рече дека е неопходно да се направат потребните реформи, посебно оние кои се однесуваат на прашањата за владеењето на правото и почитувањето на човековите права.
„Со ова имаме вкупно 16 отворени поглавја. Заедничка обврска ни е отворање на нови поглавја, а тоа зависи од напорите на Турција. Напредокот во преговорите е условен со исполнување на поставените критериуми”, рече Кундерс.
И комесарот за проширување и добрососедски односи на ЕУ, Јоханес Хан, обраќањето го започна со осуда на терористичкиот напад во Истанбул, и рече дека Брисел го разбира Истанбул бидејќи и главниот град на Белгија на 22-ри март беше средиште на терористички напад.
Истакнувајќи дека отворањето на новото поглавје јасно укажува на напредок во преговорите меѓу ЕУ и Турција, Хан рече дека во изминатите неколку месеци дошло до интензивирање на односите помеѓу Анкара и Брисел.
Укажувајќи на минатогодишниот извештај за напредокот на Турција кон ЕУ, Хан изјави дека од новата влада на Турција очекуваат спроведување на реформите, вклучувајќи го и прашањето за независноста на судството, како и почитување на слободата на изразување и слободата на медиумите.
- Чавушоглу: Слободата на говорот и тероризмот се различни нешта -
Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, рече дека во Европскиот парламент не треба да се дозволи пропаганда на терористичката организација ПКК, исто како што не се дозволува ниту ширење на пропагандата на ДАЕШ.
Чавушоглу истакна дека во тој контекст јасно се гледаат двојните стандарди кога станува збор за слободата на говорот.
„Солидарноста не треба да се покажува само кога ќе се случи терористички напад. Од клучна важност е солидарноста на сеопфатната борба против тероризмот и не правењето разлика меѓу терористичките групи. Погрешно е да делат терористите по линијата дали се поблиски или подалечни од нечија идеологија, религија или слично”, рече Чавушоглу.
Потсетувајќи дека Турција се бори против терористичките организации ДАЕШ, ПКК, ДХКП-Ц, ЈПГ и други, Чавушоглу изрази незадоволство поради двојните стандарди на Европа, што покажува и фактот дека поддржувачите на ПКК слободно ставаат постери на терористите и ја спроведуваат својата кампања во центарот на ЕУ.
„Ние целосно веруваме и сме посветени на слободата на говорот. Сепак, мора да се држиме подалеку од двојните стандарди кога станува збор за терористичките организации. Исто како што е случај со ДАЕШ, во Брисел и во Европскиот парламент, не би требало да се дозволи ширење на пропагандата на ПКК. Тероризмот и слободата на говорот се различни нешта”, заклучи Чавушоглу.