Hasan Esen
18 Ноември 2016•Ажурирај: 19 Ноември 2016
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг рече дека географската позиција на Турција е она што ја прави важен сојузник на Алијансата, јавува Anadolu Agency (AA).
Столтенберг зборуваше на настанот на тема „Одбраната на Европа и трансатлантската безбедност“, организиран од страна на Германскиот маршалов фонд. Столтенберг зборуваше и во врска со Турција:
„Од многу причини, Турција е важен сојузник на НАТО. Една од овие причини е географската позиција. Турција во источниот дел и во Црното Море се граничи со Русија и со Грузија, а пак во јужниот дел со Сирија и со Ирак, држави коишто се проблематични и каде што се наоѓа терористичката организација ДЕАШ. Оваа географска позиција на Турција ја прави важен сојузник“.
- „Мораме да потсетиме на важноста на сојузништвото со Турција“
Исто така, Столтенберг истакна дека моментално во Турција се наоѓаат околу 3 милиони мигранти. „Во исто време, Турција е важен сојузник поради тоа што исто како и нас, придонесува во нашите мисии како што се во Авганистан, Косово и во другите земји. Токму поради ова, кога ние ги гледаме настаните во источниот и во јужниот дел мораме да потсетиме на важноста на сојузништвото со Турција“, рече Столтенберг.
- „Позитивно гледам на средбата на Ердоган со Путин“
Столтенберг се осврна и на средбата на претседателот Реџеп Таип Ердоган со претседателот на Русија, Владимир Путин: „Позитивно гледам на тоа лидерите на земјите-членки на НАТО да се сретнат со рускиот лидер. Ова го направија многу лидери и тоа е нормално. Средбите не значат дека мислат исто, но тоа покажува дека сме во дијалог“
Столтенберг потсети дека мината година, кога беше срушен рускиот авион повикал на дијалог меѓу двете земји. „Важен е контактот меѓу Ердоган и Путин од аспект на борбата против ДЕАШ“, додаде меѓу другото Столтенберг.
- „Се згрозив кога го видов бомбардиран турскиот Парламент“
Столтенберг рече дека се згрозил кога при неговата посета на Турција во септември го видел турскиот Парламент бомбардиран од страна на воените авиони Ф-16. „Во текот на обидот за државен удар беше бомбардиран Парламентот додека пратениците беа внатре. Ова во исто време значи напад врз демократските институции на Турција. Се сретнав со сите политички партии и сите изразија осуда за неуспешниот обид за државен удар“, рече тој.
Столтенгерг истакна дека Турција има право да ги осуди луѓето што се обидоа да извршат државен удар и рече дека е важно судењето да се направи во рамките на владењето на правото. Столтенгерг во врска со ова тема додаде дека е важен контактот меѓу Европскиот совет и Турција.
- Претставници на турските сили назначени на позиции во НАТО побараа азил
„Вистина е дека неколкумина претставници на турските сили назначени на позиции во НАТО побарале азил во земјите каде што работеле. Во врска со оваа тема, земјите сами треба да одлучуваат. Имаше промени во персоналот на претставниците на турските сили во командата на НАТО. Мислам дека Турција ќе ги пополни овие места. Кој ќе биде назначен на овие места, тоа е одлука на Турција.
- „Важно е Европа да ја сфати важната улога на Турција“
Генералниот секретар на НАТО потсети за важноста на Турција во бегалската криза: „Важно е Европа да ја сфати важната улога што ја игра Турција во управувањето со бегалската криза во Европа“.
Столтенберг истакна дека НАТО се темели на вредностите како владењето на правото и личните слободи. Меѓу другото, тој пренесе дека во разговорите со турски официјални лица му било кажано дека луѓето што стојат зад обидот за државен удар ќе бидат осудени во рамките на владењето на правото.
Тој додаде дека в недела ќе биде во Истанбул за да учествува на состанокот на Парламентарното собрание на НАТО.