Admir Fazlagic
05 Октомври 2016•Ажурирај: 05 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за одбрана Зоран Јолевски денеска во просториите на Министерството оствари билатерална средба со министерот за одбрана на Република Србија, Зоран Ѓорѓевиќ на која, како што известуваат од ресорното министерство беше потврдена одличната соработка помеѓу двете земји. Воедно на средбата стана збор и за мигрантската криза и потребата од уште поблиска координација и комуникација помеѓу двете земји, јавува Anadolu Agency (AA).
„Министрите Јолевски и Ѓорѓевиќ истакнаа дека се задоволни од нивото на досегашните контакти и изразија подготвеност за нивно интензивирање особено во делот на меѓусебното користење на регионалните капацитети кои се развиваат во двете земји. Во тој контекст министерот Јолевски ги понуди армискиот полигон 'Криволак' кој е уникатен по понудата за извежбување на различни типови терени, Центарот за обука на пилоти кој е еден од најсовремените центри од овој тип во Југоисточна Европа, како и Регионалниот центар за односи со јавноста, како прв партнерски центар за едукација во Република Македонија. Од српска страна понудени беа регионалниот центар за АБХО, Центарот за логистика како и Центарот за обука на копнени сили", соопштуваат од Министерството за одбрана на Реублика Македонија.
Дополнително, министрите се согласија во потребата од изведување на заеднички вежби со што ќе се унапреди интероперабилноста помеѓу припадниците на двете Армии.
Министерот Ѓорѓевиќ на средбата се заблагодари за улогата на Република Македонија во воспоставувањето на главниот штаб на Балканските медицински наменски сили во Скопје и укажа на тоа дека овој проект е од големо значење за Србија, земја од која доаѓа командантот на главниот штаб до 2019 година.