Michael Hernandez
10 Ноември 2016•Ажурирај: 11 Ноември 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Барак Обама го прими денес неговиот наследник, новоизбраниот претседател Доналд Трамп, во Белата куќа, јавува Anadolu Agency (AA).
На нивната средба во Овалната соба, најверојатно, начнати беа и прашањата околу тешките и трнливи разлики кои се појавија во текот на маратонската претседателска кампања во Америка.
Трамп вети дека ќе укине многу од остварувањата на Обама, а Обама водеше кампања во корист на противкандидатот на Трамп, кандидатката на демократите, Хилари Клинтон, велејќи за тајкунот на недвижностите дека е „карактерно неподобен“ и „неквалификуван" за во Овалната соба - заедно поставувајќи ја сцената за крајно непријатна средба.
Покажувајќи значително различен тон, Обама накратко им соопшти на новинарите по состанокот дека е охрабрен од нивниот разговор, карактеризирајќи го истиот како „извонреден" и „сеопфатен".
„Многу сум охрабрен од интересот на новоизбраниот претседател Трамп, кој сака да работи со мојот тим околу многу прашања со кои се соочува оваа голема земја", рече тој.
„Ние сакаме да направие сè што можеме да ви помогнеме да успеете, затоа што доколку успеете, тогаш земјата успеала“, му рекол Обама на Трамп. И Трамп, познат по својот бомбастични изјваи, возвратил: „Јас со нетрпение го очекувам тоа", во однос на соработката со Обама, вклучувајќи го и барањето совети од него.
„Господине претседателе, ми беше голема чест што се сретнав со вас, и со нетрпение очекувам да се сретнам со вас уште многу, многу пати во иднина", рече тој.
Средбата беше прва средба лице-в-лице меѓу Обама и Трамп. Обама вети непречено предавање (на власта) на новиот претседател, слично како што и неговиот претходник, Џорџ Буш направил за него.
Залагањата и коментарите по нивниот состанок се во остар контраст со сцените од протестите кои се одржуваат во поголемите градови на САД, по повод победата на Трамп.
Апелирајќи за единство, Клинтон побара од нејзините приврзаници да бидат со отворен ум и му дадат „шанса на Трамп да раководи“.
Но, протестите продолжуваат со несмалено темпо. Првата дама Мишел Обама, пак, имала приватна средба со спругата на новоизбраниот претседател, Меланија Трамп.
Доналд Трамп ќе положи заклетва заедно со својот потпретседател, Мајк Пенс, на 20 јануари.