Zülfiya Yakup
23 Ноември 2015•Ажурирај: 24 Ноември 2015
ПРИШТИНА (АА) – Следната пленарна седница на Собранието на Косово ќе се одржи во понеделник, 30-ти ноември, соопшти претседателот на Собранието, Кадри Весели, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој ги повика пратениците од опзоцијата кои и минатата седмица со солзавец ја блокираа работата на законодавниот орган на Косово, да се вратат во Собранието и да не се исклучуваат самите себеси со насилни акти.
„Ги повикувам пратениците на опозицијата сите прашања и теми заеднички да ги третираме во Собранието на Република Косово, да не ги загрозуваат своите колеги пратеници, да не ја загрозуваат институцијата Собрание на Република Косово затоа што си штетат самите на себе, нека престанат со обвинувањето кое не им помага“, рече Весели.
Ја замоли опозицијата да не користи солзавец, ниту пак други тврди предмети.
За најавениот протест на опозицијата во сабота, 28-ми ноември, Весели рече дека тоа не е добар избор, бидејќи не е добро да се користи националниот празник на знамето во политички цели.
„Јас сум Албанец. Јас сум поранешен борец за слобода. Илјадници луѓе на оваа земја се погребани под националното знаме, но никој нема право шеснаесет години по војната, да ги користи тие свети работи во моментални политички цели. Не го сакаат тие знамето повеќе од мене или од вас“, наведе Весели.
Опозицијата која повеќе од два месеца ја блокира работата на Собранието барајќи да се повлечат потписите од договорот за Заедница на општини со српско мнозинство и за демаркација на границата со Црна Гора, денес најави предавање на петициите со потписи на над 200.000 граѓани против наведените договори на претседателката на Косово, Атифете Јахјага.
Договорот за формирање на Заедница на општини со српско мнозинство во меѓувреме е привремено суспендиран од Уставниот суд на Косово, до донесување на одлука за негова уставност. Барање за оцена на уставноста поднесе претседателката на Косово, Атифете Јахјага.