Diyar Güldoğan
04 Јануари 2018•Ажурирај: 05 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Москва денес ги повика САД да не се мешаат во внатрешните работи на Иран во екот на антивладините протести во земјата, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Ги предупредуваме САД против обидите за мешање во внатрешните работи на Исламската Република Иран“, изјави рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рабков за државната новинска агенција ТАСС.
Рабков истакна дека верува оти Иран ќе ги надмине тековните тешкотии и покрај многуте обиди за нарушување на суштината на она што се случува таму.
Тој рече дека Вашингтон намерно ја користи ситуацијата во Иран за да се обиде да ја ослаби стабилноста на Заедничкиот сеопфатен акционен план (JCPOA), договор што во 2015 година беше потпишан меѓу Иран и светските сили за спречување на нуклеарните активности на Техеран, во замена за укинување на одредени економски санкции.
Рабков рече дека Русија се залага за зачувување на нуклеарниот договор и негово исполнување од сите страни, првенствено од страна на САД.
Американскиот претседател Доналд Трап во вторникот на социјалната мрежа „Twitter“ (Твитер) напиша дека Вашингтон ги следи големите протести кои се одржуваат низ голем број градови во Иран.
„Народот во Иран конечно делува против бруталниот и корупциски режим на Иран“, напиша Трамп на Твитер.
Во врска со повикот на САД за итна седница на Советот за безбедност на ОН, Рабков рече дека внатрешните процеси во Иран не се поврзани со статутарните функции на советот.
„За жал, нашите американски колеги треба повторно да бидат потсетени во однос на основите на дипломатијата“, истакна Рабков за ТАСС.
Незадоволни од економската ситуација во Иран, демонстрантите во иранскиот град Мешхед започнаа со протести во четвртокот, кои потоа брзо добија антивладин карактер и се проширија и во другите градови низ земја.
Иранската револуционерна гарда вчера соопшти дека протестите се завршени.
Досега во нередите на улиците низ иранските градови загинаа најмалку 23 лица, а приведени се најмалку 500 лица.