Gülşen Çağatay
09 Декември 2018•Ажурирај: 10 Декември 2018
МОСКВА (АА) - Првиот реактор на руската пловечка нуклеарна централа „Академик Ломоносов“ започна со работа. Станува збор за прва нуклеарна централа од овој вид во светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Бродот централа на руската компанија РОСАТОМ вкотвен е кај градот Мурманск.
Од росатомското претставништво „Атомфлот“ соопштено е дека во работа се пуштени 10 отсто од капацитетот на првиот реактор, а реакторот ќе проработи со полн капацитет откако ќе бидат изведени потребните тестирања.
Процесите на тестирање би требало да завршат до крајот на март наредната година, а во третиот квартал од следната година, нуклеарната електрана ќе биде преместена во сибирскиот град Павек.
Алексеј Ликхачев, челникот на РОСАТОМ, изјави дека пловечката нуклеарна електрана е ефикасно и многу практично решение за снабдување со енергија на оддалечените региони во светот.
„Овој проект не е важен само за рускиот Арктик, туку и за остатокот од светот. Уверен сум дека Русија ќе стане светски лидер кога станува збор за пловечки електрани“, рече Ликхачев.