Bekim Laci
21 Март 2018•Ажурирај: 22 Март 2018
СКОПЈЕ (АА) - Илјадници граѓани се собраа денеска пред Владата на Република Македонија во Скопје во знак на протест, како што велат, кон „трулата правда, која пред очите на јавноста, убиството на малиот Алмир го преквалификуваше во сообраќајна несреќа“, јавува Anadolu Agency (АА).
Во име на демонстрантите собрани преку социјалните мрежи, со мотото „Пролет без правда“, пред насобраните зборуваше Дијана Тахири, која рече дека случајот на Алмир ќе се суди на фер и законски начин само ако постапката повторно почне од почеток и биде предводена од професионални, непристрасни и некорумпирани обвинители, што нема да бидат од Куманово.
Таа рече дека организаторот на протестите ќе поднесе кривични пријави против обвинителите, судиите и невропсихијатрите кои работеле на случајот.

„Ние ќе поднесеме кривични пријави против јавниот обвинител Сузана Кусигерска, за злоупотреба на службената положба, бројни пропусти во постапката и намерно неизнесување факти и докази за кои сведочеше целата јавност, а кои резултираа со преквалификација на делото од убиство во тешко дело во сообраќајот“, рече Тахири.
Таа додаде дека ќе побараат одговорност и од проф. д-р Бранислав Стефановски, психијатар, и асистент Зоја Бабиновска поради вршење вештачење спротивно на Законот за вештачење, како и разрешување на јавниот обвинител Теута Бедиу Рамадани која го одби барањето за изземање на обвинителката Кусигерска, како и разрешување на сите јавни обвинители во Колегиумот на јавно обвинителство на Македонија, меѓу кои и генералниот обвинител Љубомир Јовевски.
Меѓу демонстрантите беше и мајката на Алмир, Миџевере Касуми, заедно со нејзините деца и други членови на семејството. Таа рече дека и покрај болката што ја носи, добила сила да дојде во Скопје во потрага по правда за нејзиниот убиен син.

„Јас не сум тука само за мојот Алмир, туку и за сите деца што се во опасност од тој криминалец (Бобан Илиќ), кој државата го остави на слобода. Алмир нема да се врати, но барем вашите деца нека живеат слободни“, рече мајката на Алмир.
Денешниот протест беше поддржан од албанските политички партии, чии претставници беа меѓу собраните граѓани.
Инаку, настанот во кој настрада Алмир Алиу се случи на 25 јуни, 2016 година, кога обвинетиот го удри со автомобил четиригодишното дете заедно со неговите родители, по расправа помеѓу родителот на Алмир и обвинетиот. Алмир помина околу една недела на интензивна нега, а на 2 јули почина на Клиника во Скопје.
Настанот во тоа време предизвика бројни реакции и револт во јавноста.
По прекфалификувањето на случајот, судот одлучи на Бобан Илиќ да му се суди од слобода за „сообраќајна несреќа со последица смрт“.
Во текот на вчерашниот ден, министерот за правда на Р. Македонија, Биљен Салији, поднесе оставка поради морални причини во врска со случајот Алмир Алиу, како што рече, поради немање доверба во судскиот систем односно поради одлуката на јавниот обвинител за преквалификување на обвинението.