Zülfiya Yakup
19 Март 2016•Ажурирај: 20 Март 2016
ПРИШТИНА (АА) - Принцот од Велс, Чарлс и војвотката од Корнвил, Камила, го започнаа вториот ден од посетата на Косово со состанокот со претседателката на Косово во заминување, Атифете Јахјага, во нејзиниот Кабинет во зградата на Собранието на Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателката Јахјага во текот на состанокот, кој траеше околу еден час, на принцот Чарлс му го врачи Медалот за мир, демократија и хуманизам „Д-р Ибрахим Ругова”.
По состанокот, принцот и војвотката заедно со претседателката и претседателот на Владината комисија за исчезнати лица Пренк Гјетај присуствуваа на меморијалната церемонија посветена на исчезнатите во текот и по војната. Тие во присуство на дваесетина претставници на семејствата на исчезнатите лица положија цвеќе на споменикот на исчезнатите лица пред Собранието на Косово.
Брачниот пар потоа разговараше со семејствата на исчезнатите а една од мајките побара од принцот Чарлс да се изврши притисок врз Србија со цел расветлување на судбината на исчезнатите лица и конечно изведување на извршителите пред лицето на првдата. Во Косово сè уште како исчезнати се водат над 1.600 лица.
По меморијалната церемонија, принцот Чарлс замина во Призрен каде што ќе присуствува на меѓурелигиската конференција која ќе биде организирана во соработка со Владата на Косово.
Според најавената агенда, во текот на денот војвотката од Корнвил и претседателката Јахјага ќе се сретнат со жртвите на сексуално насилство со цел да се разговара за предизвиците со коишто се соочуваат при барањето правда како и за активностите на претседателскиот национален совет.
Принцот Чарлс по посетата на Призрен ќе присуствува и на церемонијата на положување венец во штабот на КФОР "Film City", во знак на сеќавање на персоналот на Велика Британија и КФОР, кои ги изгубија своите животи во текот на операциите на Косово.
Војвотката Камила ќе ја посети невладината организација “Ideas Partnership” со цел да се запознае со начините на кои им се помага на загрозените групи преку едукација и економско јакнење.
Ова ќе биде втора посета на принцот Чарлс на Косово, првата беше во 1999 година, а прва посета на војвотката Камила.
Со посетата на Косово, парот ќе ја заврши својата еднонеделна балканска посета на земјите од Западен Балкан, во текот на која ја посетија Хрватска, Србија и Црна Гора.