Fatih Erel
09 Јануари 2017•Ажурирај: 09 Јануари 2017
ЖЕНЕВА (АА) - Лидерите на кипарските Турци и на кипарските Грци се собраа во седиштето на ОН во Женева во обид да ги решат финалните прашања во однос на кипарското прашање, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Турската Република Северен Кипар, Мустафа Акинџи, и водачот на кипарските Грци, Никос Анастасијадес, претходно се сретнаа на состаноци зад затворени врати што траеа неколку дена во Швајцарија, под покровителство на специјалниот пратеник на ОН за Кипар, Еспен Барт Еиде.
Според претставници на кипарските Турци на првиот ден од преговорите ќе се стави фокус на прашањата за управувањето, имотот и безбедноста.
Во коментар пред заминувањето во Женева, Акинџи за новинарите изјави дека Турската Република Северен Кипар ќе продолжи по својот пат, доколу не биде постигнато решение.
Минатата недела, Акинџи ги повика сите страни да работат одговорно со цел изнаоѓање решение.
Преговорите ќе бидат проследени со конференција во четврток. Лидерите на кипарските Турци и кипарските Грци ќе бидат придружувани од три други држави кои се вклучени во процесот - земјите гаранти Турција, Грција и Обединетото Кралство.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган разговараше за преговорите во Женева со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и со британската премиерка Тереза Меј во саботата. Тие се согласија дека престојните преговори може да бидат значајна можност за постигнување конечно решение.
Преговорите за кипарското прашање продолжија во мај 2015 година; двете страни во неколку наврати изразија оптимизам дека можно е изнаоѓање на решение.
Кога ќе се постигне конечен договор, ќе се организира референдум во двете кипарски заедници.
Акинџи изјави дека гласањето може да се одржи во средината на 2017 година, во зависност од договорот во Женева.
Прашањето за територијата е едно од најтешките во агендата.
Страната на кипарските Турци сака да задржи 29,2 отсто од територијата на островот. Иако двете страни веруваа дека се блиску до постигнување договор за површината на територијата раководена од страна на владата на Турската Република Северен Кипар сè уште има несогласување во однос на тоа која администрација ќе раководи со одредени градови и села.