Tuba Şahin
10 Јули 2018•Ажурирај: 11 Јули 2018
АНКАРА (АА) - Европскиот завод за статистика (Eвростат) објави извештај во кој се наведува дека популацијата во Европската Унија е зголемена како последица на миграциите во текот на 2017 година, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Бројот на населението на 1 јануари 2018 година се зголеми на 512,6 милиони од 511,5 милиони жители минатата година“, се вели од Евростат.
„Во текот на 2017 година, во ЕУ биле регистрирани повеќе смртни случаи отколку раѓања (5,3 милиони смртни случаи и 5,1 милиони раѓања), што значи дека природната промена на населението во ЕУ е негативна. Промените во популацијата (позитивна, со 1,1 милиони повеќе жители) е последица на нето-миграцијата“, се вели во извештајот на Евростат.
Германија е најнаселена земја членка на блокот со 82,9 милиони жители, или 16,2 отсто од вкупната популација на ЕУ.
Бројот на популацијата во текот на 2017 година се зголеми во 19 земји членки, а се намали во девет. Најголем годишен раст можеше да се забележи во Малта (+32,9 на 1.000 жители), потоа следува Луксембург (+19,0 на 1.000 жители) и Шведска (+12,4 на 1.000 жители).
Евростат соопштува дека во ЕУ во 2017 година биле родени 5,1 милиони бебиња, речиси 90.000 помалку од претходната година.
Највисока стапка на наталитет е забележана во Ирска со 12,9 на 1.000 жители, додека најниска е регистрирана во Италија со 7,6 на 1.000 жители.
„Во ЕУ во текот на 2017 година се регистрирани 5,3 милиони смртни случаи, 134.200 помалку од претходната година“, се вели во извештајот на Евростат.