Yusuf Özcan
12 Јуни 2017•Ажурирај: 13 Јуни 2017
ПАРИЗ (АА) - Министерството за внатрешни работи на Франција соопшти дека се пребројани сите гласачки ливчиња од првиот круг на вчерашните парламентарни избори во Франција и дека политичкиот сојуз на движењето „La Republique En Marche“ (LREM) и Демократското движење (MODEM), најверојатно ќе обезбеди убедливо мнозинство во Националното Собрание, јавува Anadolu Agency (AA).
Според прелиминарните резултати, политичката опција на францускиот претседател Емануел Макрон, односно сојузот на ЛРЕМ и МОДЕМ освои 32,32 отсто од гласовите, што е доволно за да на крајот добие меѓу 390 и 430 мандати во Собранието, кое брои вкупно 577 пратеници.

Изборите во Франција се конципирани така што во 566 изборни единици се избираат ист број на пратеници, а 11 пратенички места се бираат во изборните единици во прекуморските департмани на Франција. Во изборните единици каде што во првиот круг ниту еден кандидат не доби мнозинство се одржува втор круг на избори следната недела, и тогаш ќе биде познат конечниот исход и соодносот на силите во највисокото законодавно тело на Франција.
Според прелиминарните резултати, сојузот кој го предводи Републиканската партија вчера освои 21,56 отсто од гласовите, и според проекциите треба да добие помеѓу 85 и 125 пратенички мандати.
Сојузот којшто го предводи до неодамна владејачката Социјалистичка партија освои само 9.51 отсто од гласовите и ќе добие помеѓу 22 и 32 пратеници во Националното собрание.
Паралелно со тоа, радикално-десничарскиот Национален фронт на изборите настапи самостојно и освои 13,2 отсто од гласовите, што треба да му донесе помеѓу 5 и 15 пратенички мандати.
Радикалната левица на Жан-Лук Меленшон освои 11,2 отсто од гласовите и може да освои меѓу 11 и 21 пратеничко место.
Изборите во Франција се одржаа со зајакнати безбедносни мерки и без поголеми инциденти, а забележана е рекордно голема апстиненција на гласачите. Право на глас имаа вкупно 47.571.484 регистрирани гласачи, а на избирачките места не излегоа 51,29 отсто. Тоа е најголемиот процент на апстиненција на гласачите уште од изборите во 1958 година. Во претходните три изборни циклуси апстиненцијата изнесуваше помеѓу 35 и 42 проценти.
Иако се чека и одржување на вториот круг на избори во повеќето изборни единици, јасно е дека политичката опција на францускиот претседател Макрон е убедлив победник, а дека традиционално силните социјалисти и републиканци претрпеа голема загуба на парламентарните избори.
Социјалистите забележаа најлош резултат во својата долга историја, а генералниот секретар на партијата, Жан Кристоф Камбаделис, веќе во првиот круг во париската 16. изборна единица беше поразен од Мунир Махџуби од ЛРЕМ.
И кандидатот на социјалистите Нено Хамон, кој беше поразен во првиот круг од неодамнешните претседателски избори, вчера исто така доживеа нов неуспех и отпадна од трката за пратеничко место во парламентот.
Од друга страна, актуелниот француски премиер, Едуард Филипе, изјави дека народот на Франција и покрај големата апстиненција на изборите јасно испрати порака дека сака реформи и дека му верува на претседателот Макрон.
„Франција се врати“, порача Филипе, и ги повика гласачите и во недела да излезат на избори и да го одредат конечниот состав на Националното собрание.
Челничката на радикалната десница, Марин Ле Пен, синоќа изјави дека прелиминарните резултати покажуваат оти ЛРЕМ на Макрон ги „проголта“ републиканците и социјалистите и ги повика гласачите во вториот круг да обезбедат силна опозиција.