AP
27 Ноември 2015•Ажурирај: 29 Ноември 2015
НАИРОБИ (АА) - За време на последното јавно обраќање за време на престојот во Кенија, папата Фрањо порача дека образованието и вработувањето се начин за спречување на радикализацијата на младите и нивното заминување во борба на страна на екстремистичките групи, пренесува Anadolu Agency.
Папата го кажа тоа одговарајќи на прашањето за тоа што младите можат да направат за да ги спречат своите пријатели и членовите на семејствата да бидат заведени со радикални идеологии кои ги тераат да ги напуштат своите сакани за да им се приклучат на екстремистичките групи.
Голем број на Кенијци се приклучи на странските борци во рамките на сомалискиот огранок со Ал-Каеда, поврзана со терористичката група Ал-Шабаб, која во последно време изведе низа напади во Кенија.
" Доколку млада личност нема работа, каква тогаш иднина има? Тука почнуваат идеите за регрутирање" , кажа папата Фрањо.
Тој им порача на младите на Кенија да му одолеат на предизвикот на корупцијата, кажувајќи дека корупцијата не се наоѓа само во политиката.
"Таа е во сите институции, вклучувајќи го и Ватикан каде исто така има и случаеви на корупција", порача поглаварот на католичката црква во обраќањето пред илјада млади на стадионот Касарани во Наироби.
Кенија се наоѓа на 145 место од 174 земји во рамките на индексот на корупцијата кој 2014 година го објави Transparency International.
Од Кенија, папата ќе отпатува во Уганда во рамките на турнејата по афричките земји која аналитичарите ја оценија како една од најризичните патувања на Папата до сега.