Senada İbraimova
19 Април 2017•Ажурирај: 20 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) – Денес започна Саемот за вработување и пракса „Контакт 2017“, кој го организираат студентските парламенти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – Скопје (ФИНКИ) и Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), јавува Anadolu Agency (AA).
На отворањето на саемот „Контакт 2017“, кој на компаниите им дава директен пристап до младите потенцијални вработени, свое обраќање имаше министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска, која истакна дека светот се движи од индустриска економија, во дигитално дистрибуирана економија, каде што во светски рамки постои зголемена потреба од технички кадар. Таа додаде дека уште позначаен е фактот што техничкиот кадар не се бара само во технолошката индустрија, односно во ИТ-компаниите, туку и во сите останати дејности.

„Според податоците на Централниот регистар, бројот на компании во државата регистрирани во дејностите трговија со компјутери, опрема и софтвер, телекомуникациски дејности, компјутерско програмирање, компјутерски консултантски дејности, обработка на податоци, хостирање и останати услуги во врска со информатичката технологија, или ИКТ компании, во моментот изнесува 1.680, од кои дури 67 се отворени во првите четири месеци од оваа година“, изјави Томовска и додаде дека бројот на вработените во овие компании изнесува 11.989 лица, притоа неопфаќајќи ги новоотворените 67 компании.
Таа понатаму пренесе дека информатичари се вработуваат во сите компании кои имаат над 20 вработени и нагласи оти во моментот има пријавено, како што рече, само 401 лице, како активни баратели на работа со диплома од информатичката технологија. Таа исто така додаде дека просечната нето-плата во дејноста компјутерско програмирање во јануари 2017 година изнесувала 54.000 денари.
Томовска им честита на студентите за овој саем, како и за изборот на оваа, како што ја нарече, перспективна професија.
На денешниот настан се обрати и деканот на ФИНКИ, проф. д-р Иван Чорбев, кој меѓу другото нагласи дека со овој настан, студентите од информатичката технологија го кршат митот за тоа дека не се социјално ангажирани. Тој, исто така, истакна дека на овие факултети студентите имаат можност да научат вештини коишто понатаму ќе ги користат во претприемништвото.
„Во информатиката правилото стои дека веројатно половина од алатките што ќе ги користат студентите по дипломирањето не се ниту измислени во текот на нивните студии. Така што, нашата задача на факултетот е да ве подготвиме како сами да учите, за да можете по завршувањето веднаш да продолжите со учењето, да ги совладувате оние вештини и алатки коишто динамично се менуваат и кои ќе ве задржат во фокусот да бидете конкурентни вработени во брзорастечките ИТ-фирми“, истакна Чобрев.
Саемот за вработување и пракса „Контакт 2017“ е отворен за сите студенти на УКИМ, на кои им нуди можност да си ги подобрат своите меки вештини, да се запознаат со кариерните можности и актуелните побарувања. Студентите во секој момент може да ги посетат компаниите што се во холот на техничките факултети (ФЕИТ/МФС/ФИНКИ/ТМФ).