СКОПЈЕ (АА) - На 27 септември започнува подготвителниот период за процесот на пристапување на Македонија во Европската Унија (ЕУ), информираше вицепремиерот и шеф на делегацијата на Македонија за преговори со ЕУ Бујар Османи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Османи и посебниот советник за евроатлантски интеграции на претседателот на Владата на Република Македонија и главен технички преговарач, шеф на техничкиот преговарачки тим, Бојан Маричиќ, денеска во Владата на Република Македонија одржаа прес-конференција на која информираа за отпочнувањето на објаснувачкиот скрининг од страна на Европската комисија и објавија јавен повик за пријавување на заинтересирани лица, надворешни експерти, кои можат да помогнат во процесот на објаснувачкиот скрининг и процесот на преговори за пристапување на Република Македонија кон ЕУ.
Според соопштението на Владата, вицепремеирот Османи информира дека од четврток, 27 септември, заедно со Маричиќ ќе ја предводат владино-државната делегација, составена од над 40 експерти во Брисел, директно во Европската комисија, каде што ќе започне таканаречениот објаснувачки скрининг.
„Од страна на Европската комисија ќе биде презентирано првото поглавје од преговорите за правосудство и фундаментални права - поглавјето 23, со што и формално започнува скрининг процесот, како подготовка за почеток на преговорите за полноправно членство во Европската Унија“, нагласи Османи.
Според него, тоа претставува исклучително важен настан, пресвртна точка со која Македонија и формално го започнува последниот дел од патот кон полноправно членство во Унијата, за што долги години се подготвувавме.
Во соопштението се вели дека дел од преговарачката структура се поединци од правосудниот и безбедносниот сегмент, но и од ресорите на Министерството за внатрешни работи, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за информатичко општество и администрација, како и претставници на Секретаријатот за европски прашања.
„Ова е почеток на овој процес, кога го отвораме само првото поглавје, од 33, кои ќе следуваат набргу. Тоа значи дека во наредниот период, само во делот на првата фаза, т.е. во фазата на објаснувачкиот скрининг, ќе има 33 вакви големи делегации кои ќе го посетат Брисел, со што над илјада лица ќе земат учество во објаснувачкиот скрининг и ќе се подготвуваат за втората фаза – билатералниот скрининг, кој е пообемен и покомплексен процес“, рече Османи.
Тој истакна дека тоа е сериозен предизвик за Република Македонија, но и можност да се покаже колкава подготвеност постои за справување со предизвикот за усогласување со стандардите и вредностите на ЕУ.
Османи, заедно со Маричиќ, информира дека од денеска, на страницата на Владата на РМ, како и на страницата на Секретаријатот за европски прашања, на македонски и на албански јазик е објавен јавен повик за вклучување на секој заинтересиран, кој смета дека може да придонесе во оваа фаза, да биде дел од преговарачкиот процес да се пријави и да стане дел од базата на податоци за надворешни експерти, кои ќе можат да бидат повикани да се вклучат во процесот на скринингот и преговорите.
Бојан Маричиќ, во своето обраќање подетално информира за Јавниот повик за пријавување на сите заинтересирани лица за создавање регистар на надворешни експерти кои можат да помогнат во процесот на објаснувачкиот скрининг и процесот на преговори за пристапување на Република Македонија кон ЕУ, објавен од Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Македонија и од Секретаријатот за европски прашања.
„Процесот на преговори за пристапување на Република Македонија кон Европската Унија е комплексен процес на целокупна трансформација на општеството и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. За да биде овој процес успешен и ефикасен, неопходно е активно учество и вклучување на сите чинители во општеството и мобилизација на сите човечки ресурси со кои располага државата“, нагласи Маричиќ.
Маричиќ објасни дека повикот не е замена за организирано вклучување на граѓанскиот сектор во преговорите и објасни дека моделот за вклученост на граѓанскиот сектор, заедно со бизнис-заедницата и академската заедница, како и синдикатите, ќе се дефинира во партнерство со Владата во наредниот период.
news_share_descriptionsubscription_contact
