Bayram Altuğ
23 Ноември 2018•Ажурирај: 24 Ноември 2018
ЖЕНЕВА (АА) – Обединетите нации (ОН) соопштија дека со задоволство ќе ја прифатат меѓународната истрага за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги.
Елизабет Тросел, портпарол на Високиот комесаријат на ОН за човекови права, во изјава за АА говореше за убиството на Кашоги.
Во однос на повикот на Турција за започнување независна меѓународна истрага за убиството на Кашоги, Тросел истакна:
„Високиот комесар за човекови права на ОН, Мишел Бачелет, изјави дека убиството на Кашоги треба да се истражи независно и непристрасно, и да одговараат виновниците што ги прекршиле човековите права. Исто така во процесот на истрагата треба да бидат вклучени и меѓународни експерти, и ним треба да им се обезбеди целосен пристап до доказите и сведоците. Тоа ќе го прифатиме со задоволство.“
Тросел подвлече дека семејството на Кашоги и јавноста треба да ги знаат сите факти за убиството и дека мора правдата да биде спроведена.
Одговарајќи на новинарско прашање во однос на изјавата на претседателот на САД, Доналд Трамп, којшто за убиството на Кашоги рече: „Можеби целиот свет треба да одговара, бидејќи светот е едно валкано место“, Тросел истакна:
„Убиството на Кашоги е исклучително шокантно. Поради тоа ќе продолжиме да кажуваме дека истрагата треба да се спроведе независно и непристрасно.“
Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, денес гостувајќи на телевизискиот канал „Си-ен-ен турк“ (CNN Turk) се осврна и на случајот „Кашоги“.
„Досега Саудиска Арабија нам не ни даде информации, поради тоа меѓународната истрага може да биде покорисна. Ако започне меѓународна истрага, ние како Турција ќе соработуваме“, истакна министерот за надворешни работи на Турција, Чавушоглу.