İlker Girit
11 Септември 2017•Ажурирај: 12 Септември 2017
ЖЕНЕВА (АА) - Портпаролката на Комесаријатот за бегалци на ОН (УНХЦР), Дунија Аслам Кан, соопшти дека од 25 август до денес, како резултат на насилствата во Мјанмар, во соседен Бангладеш пребегале 313.000 аракански муслимани, јавува Anadolu Agency (AA).
Кан за АА изјави дека голем број загрозени цивили продолжуваат да бегаат од Аракан, регион во Мјанмар.
Утрово, високиот комесар на ОН за човекови права Зеид Ра'ад ал-Хусеин ја повика владата на Мјанмар да им стави крај на, како што рече, бруталните безбедносни операции во делот на Аракан населен од муслиманското малцинство Рохинџа.
Тој наглси дека операциите на војската на Мјанмар во Аракан се школски пример за етничко чистење.
Рохинџа муслиманите со години се најзагрозеното етничко малцинство во светот, а веќе неколку недели се соочуваат со нов бран насилства во подрачјето на Аракан, Мјанмар.
Под изговор за борба против милитантните групи, војската на Мјанмар во изминатите неколку дена уништи најмалку 60 муслимански села од кои десетици илјади мештани беа принудени да бегаат кон соседен Бангладеш.
Поради фактот што во кризното подрачје нема претставници на меѓуанродните организации, невозможно е да се говори за точна бројка на настрадани во нападите врз муслиманските населени места.
Локалните невладини организации јавуваат дека станува збор за илјадници убиени луѓе.