Besar Ademi
13 Август 2017•Ажурирај: 14 Август 2017
СКОПЈЕ (АА) - На централната манифестација на одбележувањето на 16-годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор, кој се одржа во Скопје, заменик- претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за спроведување на Рамковниот договор, Хазби Лика, истакна дека иако самиот акт на потпишување на овој договор доби поддршка од страна на политичките структури, тој до денес не го најде вистинскиот третман во практиката, јавува Anadolu Agency (AA).
Вицепремиерот Хазби Лика кажа дека духот на Охридскиот договор бил еден катализатор, кој служел да ја задржи жива надежта на граѓаните да не се отстапи од евро-атлантските определби. Лика нагласи дека моменталната влада има еден пообјективен пристап, и со нејзината програма во внатрешната и надворешната политика покажува дека ги има за цел евро-атлантските вредности.
„Македонија се соочила со повеќе предизвици на нејзиниот пат кон интеграциите, постои извесно време како ова земја тропа на вратите на ЕУ и на НАТО, сепак бројните одложувања влијаеја за земјата да остане пред овие врати. Исто така, стагнацијата во решавањето на меѓусоседските прашања беа проблем за унапредувањето во оваа насока, но оваа Влада и во оваа насока ги направи првите чекори кон подобрување на односите и поставувањето на државата на ниво на договорот, како што е со Бугарија“, вели Лика, истакнувајќи дека Македонија со чекорите кои ги прави е поблиска до интеграциите од било кога претходно.
Централната манифестација што се одржа во Скопје, беше организирана од страна на Секретаријатот за спроведување на Охридскиот договор, а освен лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, присутни беа и пратеници на Собранието на Р. Македонија, претставници на државните институции, претставници од дипломатскиот кор, како и други гости.
На пристуните им се обрати и претседателот на Собранието на Р. Македонија, Талат Џафери, кој нагласи дека во текот на овој 16-годишен период по потпишувањето на Охридскиот договор, не секогаш и не сè течело лесно, без пречки и со разбирање, но, додаде дека Македонија нема друга алтернатива, освен почитување на овој договор.
„Охридскиот договор и неговите принципи се единствениот начин со кој во нашата земја ќе се развива и унапредува демократијата, ќе се почитува мултиетничкиот карактер, и сите наши граѓани ќе ги уживаат сите права на еднаков начин“, пренесе тој.
Охридскиот рамковен договор, кој беше потпишан на 13 август 2001 година, е договор за обезбедување на иднината и демократијата во Македонија, како и за обезбедување на развивањето на најблиски и најинтегрирани односи меѓу Македонија и евро-атлантската заедница, како и за промовирање на мирен и хармоничен развој на граѓанското општество, почитувајќи го етничкиот идентитет и интересите на сите граѓани во земјата. Охридскиот рамковен договор беше потпишан меѓу најголемите политички партии во земјата и специјалните претставници на ЕУ и САД, со што се стави крај на меѓуетничкиот конфликт во 2001 година, меѓу двете најголеми етнички заедници во земјата, Македонците и Албанците.
Преговорите кои траеја околу два месеца во градот Охрид, се одржаа под покровителство на тогашниот претседател на Р. Македонија, Борис Трајковски, додека договорот беше потпишан од страна на тогашните лидери на политичките партии, Бранко Црвенковски на СДСМ, Арбен Џафери на ДПА, Љупчо Ѓеоргиевски на ВМРО-ДПМНЕ и од Имер Имери, лидер на ПДП. Потписници на договорот, во својство на гаранти, беа и специјалниот претставник на ЕУ, Франсоа Леотар и специјалниот претставник на САД, Џејмс Пердју, кои учествуваа во преговорите.