Hasan Esen
30 Јануари 2016•Ажурирај: 01 Февруари 2016
БРИСЕЛ (AA) - Откако Министерството за надворешни работи на Турција соопшти дека вчера дојде до повреда на воздушниот простор на оваа држава, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ја повика Русија на одговорно однесување и почитување на воздушниот простор на НАТО, јавува Anadolu Agency (AA).
"Претходните настани покажаа колку ваквото однесување може да биде опасно", се наведува во пишаното соопштение на генералниот секретар на НАТО Сојузот.
Столтенберг ја повика Русија да се однесува одговорно и да го почитува воздушниот простор на НАТО.
"Русија мора да ги преземе сите мерки за ваквите повреди да не се случуваат. Задоволувачки е тоа што Анкара и Москва комуницираат директно. Повикувам и двете страни да останат со бистра глава и да ги намалат тензиите. НАТО се солидализира со Турција и го поддржува нејзиниот територијален интегритет. Со продолжување на јакнење на турската воздушна одбрана, членките на сојузот донесоа одлука над Турција да го зголемат присуството на AWACS радарските системи. Оваа одлука е усвоена пред вчерашниот настан" , рече генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во пишаното соопштение.
Вечерва се огласи и Министерството за одбрана на Русија кое тврди дека рускиот воен авион вчера не го повредил турскиот воздушен простор, наведува Anadolu Agency.
Потсетуваме, денеска порано Министерството за надворешни работи на Република Турција соопшти дека рускиот воен авион СУ-34 вчера во 11.46 по локално време го наруши турскиот воздушен простор и покрај повеќекратните предупредувања упатени од турска страна, на англиски и руски јазик .