Besar Ademi
24 Јуни 2016•Ажурирај: 24 Јуни 2016
СКОПЈЕ (АА) - Македонскиот претседател Ѓорге Иванов, во врска со референдумот на Британците на кој се изјаснија за напуштање на Европската унија (ЕУ), изјави дека Европа ќе се соочи со новата реалност за која нема искуство и ќе бара нови начини за донесување одлуки во овие сложени услови во кои се наоѓа, јавува Anadolu Agency (AA).
„Сите наши стратегиски ориентации се кон Европската унија, но сега Европа е во нова реалност и нема искуство со ваков настан. Досега не постоеше такво нешто и тоа е нова работа за нив", рече Иванов, наведувајќи дека ЕУ сега бара лидерство, храброст и нови начини да носи одлуки.
Претседателот Иванов земајќи ја за пример поранешна Југославија, која како што рече беше држава која функционираше совршено, но дојде денот да се распадне, изрази загриженост ЕУ да не тргне по тој пат.
„Ние, постарите, ја доживеавме трагедијата на поранешна Југославија, каде, исто така имаше систем на колективно одлучување и носење одлуки со консензус. Секој имаше право на вето и каде е сега таа држава? Нè загрижува можноста Европската Унија да не тргне по истиот пат затоа што во услови на криза и закани, кај земјите се јавува себичност. Секоја држава настојува само своите проблеми да ги решава, а проблеми и предизвици има премногу. Се појавуваат радикални десничарски групи кои за проблемите ги обвинуваат мигрантите и муслиманите, се јавува исламофобија кон луѓето кои немаат каде да одат бидејќи немаат ниту домови ниту држави" рече претседателот Иванов.
Претседателот Иванов истакна дека претходно укажале дека начинот на кој се носат одлуките во Европа не соодветствува со времето во кое живееме. Истакна дека ЕУ не е подготвена да носи две одлуки во исто реме, бидејќи, како што рече, се фокусира само на еден проблем и го заборава другиот.
„Гледате, ЕУ како не беше навикната и подготвена да носи две одлуки во исто време, се фокусира само на еден проблем и го заборава другиот. Знаеме дека кога беше проблемот со Грција, фокусот беше да се спаси и остане во ЕУ, кога почнаа состојбите во Украина, се заборави Грција, кога почна мигранстакта криза сите ја заборавија Украина, кога дојдоа безбедносните закани, сите заборавија на мигрантите. Сега сите се преокупирани само со Велика Британија. Тоа сите нас нè вознемирува бидејќи сите наши граѓани очекуваат и сакаат еден ден да бидат дел од тоа големо европско семејство" рече претседателот Иванов.