Ekipa
02 Јануари 2017•Ажурирај: 03 Јануари 2017
ЈАНГОН (АА) - Властите на Мјанмар најавија дека ќе ги процесуираат припадниците на безбедносните сили кои во ноември минатата година се снимени како ги тепаат Рохинџа муслиманите во државата Аракан, пренесува Anadolu Agency (AA).
Таа видеоснимка е прв визуелен доказ за злоставувањето кое, според извештаите на групата за заштита на човековите права, се врши над припадниците на Рохинџа, обесправено муслиманско малцинство по потекло бегалци и најзагрозено национално малцинство во светот.
Во видеото од инцидентот коешто ги преплави социјалните мрежи се гледа како полицијата ги удира групата Рохинџа муслимани, меѓу кои и момчиња, кои со рацете свиени околу вратот седат на земја.
Од претседателскиот кабинет на Мјанмар денес соопштија дека видеото е снимено за време на операцијата на претрес во селото Кое Тан Каук, во државата Аракан, два дена откако делегацијата на ОН го посети тоа подрачје.
Војниците од Мјанмар ги ставија под своја контрола тие подрачја на границата со Бангладеш на 9 октомври, кога беше извршен напад на полициски пункт и беа убиени деветмина полицајци. Оттогаш на поголемиот дел од новинските агенции и независни новинари им е забранет пристам во подрачјата каде што живеат Рохинџа муслиманите, додека 96 лица, од кои 17 војници и 76 наводни напаѓачи загинаа во судирите.
Невладините организации сепак тврдат дека во воените операции се убиени околу 400 припадници на Рохинџа.
Мјанмар, во кој живеат околу 60 милиони жители, воглавно будисти, во 2011 година премина кон демократски режим на владеење.
Сепак, во верските судири во текот на претходните пет години се убиени 280 муслимани, а пак 140.000 лица мораа да ги напуштат своите домови.
Меѓународните организации за човекови права наведуваат дека Рохинџа муслиманите секојдневно се изложени на системско насилство, но и на правна, социјална и економска дискриминација.
Рохинџа муслиманите сочинуваат околу пет отсто од населението на Мјанмар, односно околу 2,5 милиони. Според официјалните податоци и извештаи на ОН, Рохинџа муслиманите се најзагрозено национално малцинство на светот, немаат своја држава и нивните права се значително ограничени.
Националистичките групи во Мјанмар бараат владата на таа земја да прогласи дека не постои етничка група Рохинџи. Бараат муслиманската етничка група да се нарекува „бенгалска“, што би значело дека таа група илегално емигрирала од соседен Бангладеш.