Ekipa
12 Мај 2017•Ажурирај: 13 Мај 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Заменикот на турскиот премиер денес во Истанбул порача дека ако САД и сојузниците на неговата земја се во потрага по мир во регионот, би било најрационално да не соработуваат со некоја терористичка организација, туку со Турција, која е единствената земја во регионот со економска и политичка стабилност, јавува Anadolu Agency (AA).
Куртулмуш говореше на конференцијата насловена „Интелектуална економија и реформите во стопанството“, во Конгресниот центар во Истанбул. По тој повод се осврна на актуелните случувања во Сирија и во Ирак, и на посетата на турскиот претседател Ердоган на САД, планирана за 16 и 17 мај.
Говорејќи во врска со одлуката на САД за поддршка на ЈПГ, Куртулмуш истакна дека се влегува во еден нов период во областа на глобалната политика.
Тој рече дека главната причина за сите денешни случувања во светот се крие токму во таа невоспоставена рамнотежа, а последиците од тоа секако најмногу се чувствуваат на Блискиот Исток, односно географското опкружување околу Турција.
„Сириската криза и нестабилноста во Ирак се всушност само еден од показателите за нестабилност во светската политика. Сакам да кажам дека шестгодишната војна во Сирија дојде до многу опасна точка, и ја нарушува рамнотежата во светската политика, оневозможува воспоставување на мир во светот“, рече Куртулмуш.
Тој нагласи дека неговата земја го поддржува територијалниот интегритет на Ирак и на Сирија.
„Ние сакаме од Ирак и од Сирија да се отстранат сите терористички организации. Ние сме за тоа сирискиот народ да формира своја демократска администрација, Ирак да го заштити својот внатрешен интегритет и на тој начин да се формира еден нов Ирак“, порача Куртулмуш.
Кога станува збор за ситуацијата во Сирија, Куртулмуш нагласи дека ниту една земја нема моќ самостојно да го реши тој проблем. Како што рече, поради тоа, заедно со САД, Русија, и сите други сили треба да се вложат сите напори на начин во Сирија да се воспостави праведен и долготраен мир.
Истакна дека додека од регионот се отстранува терористичката организација ДЕАШ, не би било мудро на населението таму да му се остави некоја друга терористичка организација.
„Нашиот став по ова прашање е јасен. Како што го поддржуваме територијалниот интегритет на Сирија и на Ирак, исто така го поддржуваме и тоа овие земји да се исчистат од сите терористички организации. Колку што е опасна терористичката организација ДЕАШ, толку се опасни и ПКК и ПЈД. Ако САД и другите наши сојузници сe во потрага по мир во регионот, тогаш најрационално би било да не соработуваат со терористичка организација туку со Турција, која е единствената земја во регионот со економска и политичка стабилност“, рече Куртулмуш.
Во врска со одлуката на САД за пружање поддршка на ЈПГ, Куртулмуш истакна дека такво нешто е неприфатливо.
„Со нашиот сојузник, во рамките на НАТО имаме соработка уште од 1952 година. Затоа, ние во никој случај не можеме да прифатиме да се пружа поддршка во вооружување на групи кои се непријатели на Турција. На тој начин не може да се придонесе ниту за регионалниот мир“, рече Куртулмуш, и продолжи:
„Во таа смисла, жално е да се видат фотографии на кои Американците заедно со силите на ПЈД и ЈПГ, односно како што веќе ги нарекуваат СДГ. Тоа е фотографија која ѝ штети на Турција, а истовремено и на САД“, нагласи Куртулмуш.
Тој истакна дека за овие теми ќе биде разговарано темелно и за време на посетата на Ердоган на САД, односно на средбата со претседателот Доналд Трамп.
„Слично на ова може да се каже и за Русија во врска со западните делови на Сирија, во регионот Африн. Со Русија имавме одредени тензии, но за време на процесот во Астана ситуацијата е доведена во нормала“, рече Куртулмуш.
Нагласи дека Русија, исто така, не треба да ги поддржува ПЈД и ЈПГ, односно за решавање на тамошните проблеми треба да ја продолжи соработката со Турција.