Ekipa
11 Октомври 2017•Ажурирај: 12 Октомври 2017
ДОХА (АА) - Владата на Катар порача дека Светското фудбалско првенство во 2022 година ќе биде одржано и оти тоа не може да биде предмет на дискусија во контекст на актуелната дипломатска криза и блокада што кон Катар ја наметнаа соседните заливски земји, јавува Anadolu Agency (AA).
Висок претставник на ОАЕ, Дахи Халфан, неодамна изјави дека дипломатската криза во Заливот би била завршена доколку Катар се откаже од тоа да биде домаќин на Мундијалот 2022 година, а утринава на тоа одговори шефот на Канцеларијата за комуникации при Владата на Катар, шеик Саиф бин Ахмед бин Саиф ал Тани
„Пораката од Емиратите е само уште еден доказ дека блокадата на Катар е плод на завист и суета од другата страна и оти нема никакви правни основи. Тоа е уште еден обид за удар на суверенитетот на Катар“, изјави Ал Тани.
Тој додаде дека обидот за вовлекување на организацијата за Светско првенство во дискусија за кризата во Заливот е само уште еден во низата безнадежни и подли потези на катарските соседи.
Кризата во Заливот ескалираше на 5. јуни, кога властите на Саудиска Арабија, Бахреин, Египет, ОАЕ и Јемен ги прекинаа дипломатските односи и ги блокираа границите на Катар. Тие го обвинуваат Катар за поддршка на тероризмот, што официјална Доха го негира и ги смета обвиненијата за неосновани.
Четирите земји кои применија блокада на Катар ѝ понудија на Доха листа со барања од 13 точки, меѓу кои затворање на турската воена база во таа земја, прекин на соработката со Иран и затворање на медиумската мрежа „Al Jezeera“ (Ал Џезира).