İlkay Güder
04 Јули 2018•Ажурирај: 05 Јули 2018
АНКАРА (АА) - Портпаролот на Турското претседателство, Ибрахим Калин, истакна дека на прес-конференција која ќе се одржи на 9 јули, в понеделник, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ќе го соопшти составот на Претседателскиот кабинет, јавува Anadolu Agency (AA).
Калин изјави дека по соопштението дека Високиот совет за избори (YSK) ќе ги соопшти конечните резултати од изборите на 24 јуни, утврдено е дека на 9 јули, в понеделник, ќе се одржи церемонијата за положување заклетва на претседателот.
Калин информираше дека програмата ќе започне со доаѓањето на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Големото народно собрание на Турција, и со положување заклетва во Генералното собрание во 16:30 часот по локално време.
„По церемонијата за положување заклетва, нашиот почитуван претседател ќе го посети мавзолејот Аниткабир. Истиот ден, во 18:00 часот, со учество на голем број странски претседатели на држави, влади, парламенти и делегации, како и членови на протоколот кои ги застапуваат сите места во нашата земја, ќе се одржи церемонијата на започнување на претседателската функција. По оваа церемонија, претседателот ќе приреди вечера за претседателите на државите, владите и парламентите, кои ќе бидат негови гости“, додаде Калин.
Toj истакна дека истата вечер, на прес-конференција претседателот Ердоган ќе го соопшти составот на Претседателскиот кабинет.
„До датумот на стапување на функција на нашиот почитуван претседател, врз основа на овластувањето добиено од Големото народно собрание на Турција, Владата ќе донесе закони за приспособување во врска со преминувањето во новиот систем. Првиот претседателски декрет ќе биде објавен во временскиот период меѓу церемонијата за положување заклетва во Парламентот и моментот на соопштување на составот на Претседателскиот кабинет. На овој начин, ќе се функционализира структурата на новиот систем“, нагласи портпаролот на Турското претседателство, Ибрахим Калин.