Yıldız Aktaş
31 Март 2017•Ажурирај: 31 Март 2017
АНКАРА (АА) - Портпаролот на Претседателството на Република Турција, Ибрахим Калин, денес во Анкара порача дека езанот претставува повик за мир, и дека како таков, никаде и никому во светот не му пречи, така што не треба да им пречи ниту на оние што го донесоа израелскиот нацрт-закон за забрана на езанот, јавува Anadolu Agency (AA).
Калин на редовната прес-конференција се осврна на нацрт-законот за забрана за користење разглас при езанот на џамиите во Израел.
„Ова со сигурност е неприфатливо за сите Палестинци, муслимани и за останатите Арапи кои живеат во Израел. Се надеваме дека Израел ќе ја поправи својата грешка колку што е можно побрзо. Езанот не пречи никаде и никому во светот, така што не треба да им пречи ни на оние што го одобрија овој нацрт-закон. Езанот е повик за мир“, истакна Калин.
Законодавната комисија на израелскиот Кнесет го одобри нацрт-законот со кој се забранува езанот да биде пуштен на разглас од 23 до 7 часот. Нацрт-законот претходно го подготвија израелските власти, под изговор дека граѓаните се жалат од вревата. Со спроведувањето на тој нацрт-закон, на џамијата би ѝ следувала парична казна од 1.200 долари, доколку не ја почитува таа забрана.
Калин исто така се осврна и на завршувањето на офанзивата „Штитот на Еуфрат“, која Вооружените сили на Република Турција ја спроведуваа во северниот дел на Сирија.
„Офанзивата е завршена, но тоа не треба да се разбере на начин дека Турција во иднина нема да се осврнува на безбедносните ризици. Напротив, нашите безбедносни мерки во тој регион сѐ уште траат“, порача Калин.