Umar Farooq
14 Јануари 2019•Ажурирај: 14 Јануари 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Турција синоќа го предупреди американскиот претседател Доналд Трамп поради споредувањето на сириските Курди со терористичката организација ПКК и нејзиниот сириски огранок, ПЈД/ПКК, јавува Anadolu Agency (AA).
„Голема грешка е да се споредуваат сириските Курди со ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации на САД, и нејзиниот сириски огранок ПЈД/ПКК“, напиша на Твитер портпаролот на претседателството на Турција, Ибрахим Калин.
„Турција се бори против терористите, а не против Курдите. Ние ќе ги заштитиме Курдите и другите Сиријци од сите терористички закани“, напиша тој.
Тој ги даде овие забелешки како одговор на заканувањето на Трамп дека ќе ја погоди турската економија, доколку Анкара ја погоди терористичката група.
„Г-дине @realDonaldTrump, терористите не можат да бидат твои партнери и сојузници. Турција очекува САД да го почитуваат нашето стратешко партнерство и не сака тоа да биде во сенка на терористичка пропаганда“, напиша Калин.
Тој повтори дека не постои разлика помеѓу ДЕАШ, ПКК или ПЈД/ПКК и вети дека Турција ќе ја продолжи својата борба против тие терористички групи.
„Започнувајќи го долго задоцнетото повлекување од Сирија, тешко ќе го погодиме преостанатиот територијален калифат на ДЕАШ и тоа од многу правци. Ќе нападнеме повторно од постоечката база во близина доколку се реформира. Ќе ја уништиме Турција економски доколку ги нападне Курдите“, изјави Трамп на Твитер.
„Исто така, не сакам Курдите да ја испровоцираат Турција“, додаде Трамп, осврнувајќи се на терористите на ПЈД/ЈПГ.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најави дека прекуграничната операција против терористичката група ПЈД/ЈПГ во Сирија ќе се случи наскоро. Од 2016 година, Анкара има спроведено две слични воени операции во северна Сирија.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и ЕУ, одговорна е за смртта на речиси 40.000 луѓе, меѓу кои и жени и деца.