Fatih Erel
11 Ноември 2018•Ажурирај: 12 Ноември 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Кенијката Рут Чепнегич го освои првото место во женска категорија на 40. Истанбулски интерконтинентален маратон, а Кенијецот Феликс Кимутај победи во трката за мажи, двајцата соборувајќи го рекордот на Истанбулскиот маратон на трката долга 42 километри, јавува Anadolu Agency (AA).
Минатогодишнaта победничка Чепнегич ја заврши трката на 42 километри за 2 часа, 18 минути и 35 секунди, додека Кимутај, истото растојание го мина за 2 часа, 9 минути и 57 секунди.
Двајцата Кенијци го соборија рекордот на 42 километри на Истанбулскиот маратон во женска и машка конкуренција. На единствениот интерконтинентален маратон во светот се натпреваруваа рекорден број натпреваручи.
40. Истанбулски маратон „Водафон“ (Vodafone Istanbul Marathon), започна на азиската страна од истанбулскиот „Мост на загинатите херои од 15 јули“, порано познат како „Босфорски мост“.
Целта на маратонот беше плоштадот „Султанахмет“ на европската страна на Истанбул, а темата на овогодишниот маратон беше „Истанбул трча за здрава иднина“. На маратонот учествуваа околу 30.000 професионални натпреварувачи од повеќе од 100 земји.

Истанбулскиот маратон вклучува главна трка - маратон од 42 километри, и уште три трки на 15, 10 и 8 километри. Организирана е и трка за лица во инвалидска количка.
- Трките на 10 и 15 километри -
Турчинката Јасемин Џан победи во трката долга 15 километри, кои ги мина за време од 47 минути и 43 секунди, додека Кенијецот Шадрек Корир победи во трката во машка конкуренција, со време од 43 минути и 4 секунди.
Сузан Тунџа победи во трката на 10 километри во женска конкуренција, кои ги мина за 37 минути и 11 секунди, додека Турчинот Фатих Коркунч победи во трката на 10 километри за мажи, со време од 33 минути и 23 секунди.
Околу 5.000 натпреварувачи, од кои повеќето од половината се странци, го завршија Маратонот на 42 километри.

Првите пет земји од каде што пристигнаа најмногу учесници се Русија, Германија, Украина, Велика Британија и Франција.
На Маратонот учествуваа 55 престижни натпреварувачи од Турција, Кенија, Етиопија, Азербејџан, Франција, Бахреин и Мароко.
Во споредба со минатите години, бројот на странски натпреварувачи на Маратонот оваа година е двојно зголемен.
Истанбулскиот маратон се наоѓа меѓу 17 маратони во Европа и 38 маратони во светот.
По започнувањето на Трансконтиненталниот маратон, турскиот министер за млади и спорт, Мехмет Мухарем Касапоглу, за АА изјави: „Истанбул стана бренд за маратон како Њујорк, Бостон и Токио.“
„Со поврзувањето на континентите, ќе ја докажеме обединувачката моќ на спортот“, додаде Касапогилу.
На минатогодишниот Истанбулски маратон победата во категоријата за мажи ја зеде Французинот Абрахам Кипротич, додека Кенијката Рут Чепнгетич победи во женска категорија.