Adem Demir
17 Јуни 2018•Ажурирај: 18 Јуни 2018
ИСТАНБУЛ (AA) - Со реставрација на касарната „Рами“ во Истанбул, се планира да се направи најголемата библиотека во Турција. Проектот за реставрација го води Министерството за култура и туризам на Турција, а планирано е читателите да имаат на располагање милиони книги, јавува Anadolu Agency (AA).
Касарната „Рами“, која екипата на АА ја сними од воздух, со 220.000 квадратни метри површина, треба да стане една од поатрактивните точки во културниот и уметничкиот простор на Истанбул.
Џошкун Јилмаз, директорот на Управата за култура и туризам во Истанбул, говореше за проектот, реставрацијата и претворањето на касарната во една од знаменитостите на овој турски град.

„Планирано е ова да биде најголемата библиотека во Турција. Моментално е предвидено да содржи седум милиони книги“, појасни Јилмаз, наведувајќи дека тука ќе се одвиваат и други културни, општествени и уметнички настани.
Според неговите зборови, по завршувањето на проектот, ова место би требало да биде најголемата „долина“ на книги во светот.
Јилмаз појасни дека во рамките на библиотеката ќе има и места за колекции и колекционери, како и ателје кое ќе ја раскажува приказната за книгите, поточно, каде што ќе може да се види целиот процес од изработка на хартија, пишување, врзување. Всушност, целото настанување на книгата.

Тој рече дека во дворот на касарната ќе има место за прошетка и за продажба на сувенири.
Говореше и за историјата на касарната, наведувајќи дека е изградена по 1780 година. Важи за една од поважните зданија во воената историја.
„Ова место е едно од поважните дела на воената архитектура. Претставува едно од воените седишта на султан Махмут II“, рече Јилмаз.
Како што рече, работат на тоа, активностите да бидат завршени во што пократок рок.
„Со работа ќе започне за околу две години. Завршувањето на проектот може да трае и подолго, но во почетокот на 2020 година ќе им биде во служба на граѓаните“, појасни Јилмаз.
За проектот се наменети околу 200 милиони турски лири (37 милиони евра).